Нови 23 општини се приклучуваат на процесот за оптимизација на училишната мрежа, што во суштина значи дека државата отсега покоординирано ќе ги менаџира ресурсите во образованието, кои во моментов се сериозно апропорционални.
„Според анализите на УНИЦЕФ, доаѓаме до податоците дека од вкупниот број на ученици, 88% учат во 353 централни училишта, а само 12% учат дури во 518 подрачни училишта. Тоа значи дека дел од нашите ученици се изолирани во сопствените средини, каде немаат можност за добивање на квалитетно образование, социјализација, и подобрување на своите знаења, вештини и севкупни квалитети на живот и иобразование, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Според податоците на Министерството за образование, без оптимизација ќе треба да се доградат 667 училници и да се изградат нови 167 санитарни јазли, додека со оптимизацијата, тој број е намален на 284 училници и 71 санитарен јазол. Проценетата вредност на реконструкциите со оптимизацијата е околу 470 милиони денари, додека без оптимизација трошоците за реконструкција министерството ги проценува за 2,5 пати поголеми.
„Од тука сметаме дека ова е многу значаен процес и како Влада ќе се обидеме, заедно со странските партнери, што е можно повеќе да го забрзаме и во што е можно најкраток рок да го спроведеме. Дополнително би рекла покрај основата – користа на ученикот, корист ќе има и државата, секако и општината, за искористување на овие простори за други намени, а секако и намалување на режиските трошоци, кои сега се преголеми, а со носење на учениците во централните или други училишта, ќе придонесат за намалување на тие трошоци, додава Јаневска.
Досега се финализирани плановите за 10 општини и точно е наведено каде треба да се затвори одредено подрачно училиште, во кои централни училишта ќе треба да се доградат одреден број училници и за колку деца треба да се организира превоз до други објекти каде ќе треба да посетуваат настава.
(М.К.)