Основниот суд во Берово остана без судии,па денеска Судскиот совет проблемот привремено го реши со делегирање на судија. Меѓутоа, наместо делегирање од основен суд во друг основен, Судски совет одлучи во беровскиот суд да ја испрати судијката Анита Јорданова, која во петокот даде свечена изјава и стана нов судија во Апелациониот суд во Штип.
Јорданова ќе суди но и ќе ја врши в.д. претседателската функција до 6 мај следната година. Со ваквите одлуки Судскиот совет „гаси пожари“, бидејќи недостаток на судии има во неколку помали судови, кои функционираат под минималниот број на судии.
На денешната итна седница Судскиот совет го назначи судијата Спире Борисов за в.д. претседател на Основниот суд во Кочани. Одлуката следеше откако досегашната претседателка Сузана Милевска беше избрана за нов судија во Апелациониот суд во Штип. Според даденото образложение за избор на Борисов за в.д. претседател на кочанскиот суд е поради тоа што имал најдобра оценка.
Во петокот што измина, тројца нови судии во Апелациониот суд во Штип дадоа свечена изјава откако беа избрани од Судскиот совет. Нови судии на повисокиот суд во Штип се Сузана Милевска, Анита Јорданова и Љупчо Спироски.
Штипското апелационо подрачје идната недела, на 11 декември, ќе избира нов член на Судскиот совет, кој ќе дојде на местото на Сашко Георгиев, кому му заврши мандатот во септември.
Судиите ќе гласаат за своите колеги: Тони Делев, актуелен претседател на Апелациониот суд од Штип, Данка Ристова, апелациска судијка, Ацо Тасев, актуелен претседател на Освновниот суд во Штип, и основните судијки во штипскиот суд – Невена Перица и Мери Гичева.
В.К.