Врсничкото насилство отсекогаш било актуелно во нашето општество, а не се ретки случаите кога тоа ќе излезе целосно од контрола заради пропусти и превид на семејството и институциите. Но, она за што сме неподготвени е новиот и се поактуелен тип на насилство – интернет насилството, познато и како сајбер булинг.
Зошто се случува булингот, какви се тие деца што вршат булинг, кога настанува булингот, но како да се постапи со жртвата и за други прашања на оваа тема ММС разговраше со психологот Тања Кокотова.
Сè поактуелен помеѓу младите кои се најголеми корисници на интернетот и социјалните мрежи е сајбер булингот. Што се случува таму?
-Дојдено е времето на сајбер булингот. Многу помалку има физичка агресивност помеѓу децата, чекаат да си заминат од училиштето и во тие нивни групи и на социјалните мрежи да го изразат целиот нивен бес, целиот нивен негативен вокабуларен пристап на навреди, на омаловажувања, на оговарања, ширење невистини, овде е и дискриминацијата по социјална основа, често изразена по етничка основа, по полова основа и така натаму. Е сега, тука ние немаме пристап, тоа се затворени групи каде што меѓу себе жаргонски се „боксуваат“, се празнат од негативната енергија меѓусебно и ние немаме увид и контрола врз тие групи, освен ако тоа не биде забележано или биде кажано од некој што е предмет на сајбер булинг или пак ако се примети од родителите дека нешто се случува, па тие да откријат на каков начин се нападнати, кои се тие групи и што се случува таму. Па тогаш да се дознае, да се интервенира и да се вклучат сите релевантни страни за разрешување на случајот. Ако работите се далеку отидени, и полиција и центар за социјални работи, сите оние кои имаат удел и треба да бидат инволвирани во тој процес.
Зошто се случува булингот? Зошто некои деца го прават, а некои не?
-Околу тоа зошто некои деца вршат булинг, а другите не, тука постојат варијации на тема и не може да се генерализира воопштено, мора да имаме индивидуален пристап и кај насилникот и кај жртвата на насилство, без разлика дали е вербално, социјално или физичко. Најчесто се претпоставува дека овде ставовите на децата кои што го вршат насилството врз своите врсници, имаат став дека конфликтите можат само на таков начин да се решаваат или ако се почувствуваат загрозени од нешто, едноставно тие реагираат на таков начин. Важно е да се согледаат сите аспекти, од какво семејство доаѓа, какви се односите во семејството, зошто така реагира, зошто такви ставови му се наметнати, каков модел имало тоа дете за време на својот раст и развој. Многу често моделот на однесување е таков насилнички и едноставно не знаат како на друг начин да ги разрешуваат проблемите или како да комуницираат на конструктивен начин.
Кога го вршат насилството, тие се најчесто мирни, сталожени, затоа што на тој начин ги експонираат своите потиснати емоции врз другата личност и се чувствуваат надмоќно.
Кога и каде се раѓа тој нагон за насилство?
-Многу стручни лица сметаат дека булингот или врсничкото насилство настанува уште во предучилишната возраст, и тоа се случува иако децата немаат развиено когнитивни способности и најчесто се манифестира и агресивност – буткање, штипкање, исклучување од игровните активности, која што понатаму може да се развива и да се продлабочи во подоцнежните години, посебно во тинејџерството, доколку не се воочи таа промена кај детето и неговите афинитети и емоции кои што ги има и начинот на комуникација со своите врсници во училиштето и надвор од него.
Како треба да се постапува со насилникот?
-Овде треба да ги земеме во обзир и двете страни. Многу често ги казнуваат вршителите на насилство, меѓута овде ние треба да го идентификуваме и да видиме каде всушност лежи проблемот. Кои се емоциите кои што тоа дете го тераат да прави врсничко насилство. Треба да се работи на промена на неговите ставови, начинот на комуникација и погледот на сето она што се случува околу него. Треба да се направи промена во перцепцијата дека не може сè да се реши со насилство. Со казна не се многу постигнува, треба промени во ставовите и треба учење на комуникациски вештини со средината, изразувањето и справувањето со своите потиснати чувства кои што ги има и едноставно да сфати дека не треба да го правиш некому она што не сакаш да ти о прават тебе.
Како треба да се однесуваат и што да променат жртвите на булингот?
-На жртвите на насилството им е потребна огромна поддршка и разбирање, и од семејството, и од средината. Исто така и кај нив треба да се работи на подобрување на вештините на комуникација, на вклопување и стекнување на пријателства и едноставно да имаат и тие промена на своите ставови, да си ја зајакнат самодовербата и да го надминат чувството на страв и срам кое што е најмоќно и кое со својата ниска вибрација предизвикува да биде уште поповлечен и поневклоплив во средината.
Само со превенција, едукација, со детектирање на сите промени во расположението на младите личности, од семејството, од училиштето, треба будно следење и секоја промена да се идентификува, позитивна или негативна, за да може да се превенира и да се работи на тоа поле, со едукација, разбирање и огромна поддршка и за двете страни.
Многу често кога родителите ќе дознаат дека нивното дете било предмет на насилство, кај нив се јавува бес и лутина, за која многу психолози велат дека е контрапродуктивна за нивното сопствено дете и го воздржува од отварање пред родителите. Како исправно да постапи родителот кога ќе дознае дека детето му е предмет на насилство?
-Така е, со промената на генерациите и на времињата, некако родителите се сè повеќе заштитнички настроени према своите деца, можеби на некој начин и го компензираат недостатокот од квалитетно поминато време со своето дете, најчесто се зафатени или пак презафатени со сопствените проблеми, мисли и потрага по материјалното обезбедување на парчето леб дома. Она што детето треба да го добие во семејството, не може да биде надоместено надвор. Најчесто родителите во онаа прва ситуација кога ќе дознаат дека нивното дете е предмет на насилство реагираат импулсивно, се чувствуваат загрозено, понекогаш мислат дека тие се виновни за нешто, па нивното дете станало предмет на агресивност. Се обидуваат тие да комуницираат со родителите на насилникот и самите да воспостават некаков баланс, меѓутоа тоа кај децата и младите луѓе уште повеќе ја покачува вознемиреноста од неразбирањето, често се случува дома да бидат искарани, навредени, зошто да си го дозволуваат тоа, како можело така да реагира, па око за око, заб за заб, врати му и ти нему и така натаму. Но, овде треба со ладна глава да се постапува, да се сфати, да се види кој е проблемот, каде е коренот на проблемот. Неретко се случува жртвата на булинг да стане агресор или опресор во крајна линија.
Булингот и сајбер булингот се во пораст и на светско ниво. Дури 13 проценти од децата признале дека во текот на претходната година извршиле булинг над друго дете, 16 проценти посочиле дека биле мета на сајбер булинг минатата година, а едно од 20 деца го напушта класот или училиштето заради булинг на светско ниво. Во Македонија менувањето клас или училиште заради булинг е значително поретка појава, но според познавачите, не се работи за помала инциденца на булинг, туку за повисок праг на толеранција кај жртвите на насилството кое го трпат.
Мартин Каровски
Фото: Фејсбук