Денес во Основниот суд во Куманово почна судењето на осомничената Вангелица Илијевска(36), која е обвинета дека на 13 јуни годинава ги убила сопругот и свекорот во семејниот дом во Кратово. Според обвинението Илијевска се терети за убиство со умисла, но според одбраната таа дејствувала во нужна одбрана, бидејќи со години трпела семејно насилство. А дека убиството се случило во нужна одбрана и дека трепела семејно насилство потврди и таа.
На почетокот адвокатот на обинетата до судот достави листа од 75 материјални и вербални докази.
Јавниот обвинител уште на почетокот кажа дека по семејно насилство Илијевска со кујнски нож најпрво со два убоди во пределот на градите и срцето го пробола сопругот Јован Илијевски, а потоа и свекорот Стојан Илијевски. На сето тоа му претходела расправија меѓу сопружниците, по што, сега починатиот Јован Илијевски, ја удирал со тупаници, а потоа почнал да ја дави. Со оглед на тоа што малретирањето се случувало во кујната, за да се спаси, сега обвинетата го земала кујнскиот нож и со два убоди му нанела рани, од кои додека да дојде амбулантното возило тој починал. Со истиот нож малку подоцна го убила и свекорот.
Одбраната рече дека на убиството му претходело долгогодишно семејно насилство, со оглед на тоа што сопружниците биле 10 години во брак, но како грижлива мајка била подготвена на се за да истрае и издржи, како што тоа и секоја мајка би го направила.
-Факт е дека не можам ни да замислам што се трпела оваа жена, оваа мајка, колку непроспиени ноќи и колку пролеани солзи за да биде член на едно дисфункционално семејство, во услови кога другиот избор бил подеднакво лош и во услови кога сите релевантни институции затаиле иако имало огромен број пријави- до полициски органи, центри за социјални работи, педагози, психолози и социјални работници.., биле изрекувани пресури и решенија за семејно насилство и времени мерки за заштита од семејно насилство и индиректно и пасивно придонеле за овој критично-трагичен настан, рече адвокатот на обвинетата, Христијан Георгиевски.
Георгиевски посочи дека Вангелица била психички и физички малтретирана од сите во семејството, но најмногу од сопругот. Дека Вангелица живеела пекол во тоа семејство адвокатот рече дека сведочат и пријавите за семејно насилство во Центарот за социјални работи и полицијата и дека во критичниот момент така дејствувала за да се одбрани.
-Факт е дека обвинетата е ситна по градба и во однос на двајцата напаѓачи далеку неспремна, под постојан страв и со трауми од лош брачен живот, кој и во моментот кога била брутално, по којзнае кој пат, претепана од својот сопруг, а го продолжил и свекорот Стојан, немала друг избор освен, по којзнае кој удар да биде турната со грбот кон кујната, да посегне по најблиското средство за да се одбрани и тоа додека била давена за вратот. Дејствувала за да се одбрани себе си и да остане речиси едвај жива по овој напад. Факт е дека неосудувани лица, мајки на малолетни деца, не посегнуваат туку така за да нанесат некому зло, туку е за пофалба жртвата која ја има поднесено и теророт кој го има претрпено во над 10 годишниот неподнослив брачен живот. Факт е дека сите соседи ова го знаеле. Членовите на нејзиното семејство и велеле да најде друг начин за да се заштити, но во интерес на двете дечиња, таа делувала во нивна одбрана, додаде одбраната.
Адвокатот на обвинетата рече и дека во моментот на убиството сопругот бил во алкохолизирана состојба и дека во понатамошната постапка ќе се посвети и на затајување на институциите, бидејќи Вангелица е ситна по градба, досега неосудува и сето тоа се случило во нужна одбрана, поради бруталноста на сопругот, а не било прв пат.
-Факт е дека починатиот Јован Илијевски, како многупати дотогаш, па и тој ден, бил под дејство на алкохол, што е и основниот мотив да и врши психофизичко малтретирање, а често пати и пред очите на децата. Семејното насилство како категорија, особено жените жртви на семејно насилство, треба да се третира како особено ранлива категорија и сите ние треба да земеме особено внимание, рече адвокатот Георгиевски.
На судењето како сведок беше и свекрвата Славица Илијевска, која рече дека додека се случувало малтретирањето на Вангелица и убиствата не била на горниот кат поради инвалидитет не можела да се качува по скали. Дека на катот нешто се случува и кажал внукот, кој прво го повикал дедото, а потоа и соседот Панче Атанасовски, кој исто така имаше свој исказ како сведок.
Свекрвата во својот исказ рече дека сака снаата да лежи доживотен затвор и побара материјална оштета.
Сведок беше и соседот Панче Атанасовски, кој кажа дека нивниот малолетен син го повикал, а кога тој дошол во куќата на катот видел како Стојан лежи на подот во ходникот, веќе починат, а Јован се уште бил жив, но посведочи и дека кога дошла полицијата тој во меѓувреме починал.
На прашање на адвојатот Горгиевски дали знаел дека Вангелица доживувала насилство и дека Јован пиел алкохол, тој рече дека иако се куќа до куќа, сепак, не знаел за насилството, но гледал полиција и од Центарот за социјални работи како доаѓале во нивната куќа, но и дека понекогаш со Јован пиеле алкохол ама не знаел колку често тој пиел.
На крајот беше кажано дека на Илијевска и е продолжен куќниот притвор, дека новото рочиште ќе се одржи на 20 декември. Одбраната ги оспори психијатриското вештачење на обвинетата и ДНК анализите и побара на следното рочиште да се сослушаат вештите лица.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски