Почна трета недела како стои забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водовод во Берово. Водата што доаѓа од акумулацијата на Беровско Езеро е забранета за пиење од Агенцијата за храна и ветеринство (АХВ) поради присуство на манган во количини над дозволените. Граѓаните купуваат вода за пиење, додека таа од водоводот се употребува како техничка. ЈПКР „Услуга“ Берово, која управува со водоводниот систем, врши организиран дотур на вода со цистерни.
Но, ова е привремено решение.Сите надежи се свртени кон Хидробиолошкиот завод од Охрид, кој денеска треба да земе примероци за анализи. На терен работеа и екипи од АД „Водостопанство“, кое управува со акумулацијата.
Градоначалникот Звонко Пекевски ни кажа дека „Водостопанство“ се обидело преку испуштање на вода да влијае врз процесот, но дали ова има ефект, ќе покажат анализите.
-Факт е дека има присуство на манган во водата, кој го нема во сировата вода во акумулацијата, туку сеп ојавува некаде од круната на браната до филтер станицата на влезот. Се работи за затворен систем со цевки. Нејасно е како точно и од каде има манган во водата, изјави Пекевски.
Забраната на водата за пиење во Берово доаѓа кратко откако истиот проблем со реши во Струмица. Коинциденција или не, и таму водата за пиење доаѓа од акумулација со која стопанисува „Водстопанство“. И таму причината за забраната е присуството на манган во количини над дозволените. Случајно или не, Берово и Струмица ги раководат опозицски градоначалници.
На седницата на Советот на општина Берово одржана на 22 ноември, се наметна прашањето за сличностите за Струмица. Претставниците на ЈПКР „Услуга“ објаснија дека веднаш по забраната, прво што направиле, се консулирале со колегите од Струмица. Меѓутоа, таму проблемот била калливата вода која стигнувала од акумулацијата, додека во Берово сировата вода во езерото е добра. Клучно е да се утврди од каде потекнува манганот во така високи колични.
-Појавата на манган за нас е големо изненадување, затоа што во изминатите години на редовни анализи и овој параметар не е ни земан во разгледување, бидејќи го немаше. Го земавме како параметар што може да се појави. Филтрација и хемиско отстранување на манган нашиот систем не може да направи, рече на седницата на Советот, Јасминка Коколанска од ЈПКР „Услуга“.
Цевководот со железни цевки што ја носи водата е сопственост на „Водостопанство“, додека само 1,8 километар е на „Услуга“. Проблем се и дотраените цевки. Со години не е инвестирано. Филтер станицата е реновирана, но не го решава проблемот со манганот. Од јавното претпријатиле, како што соопштија на седницата, се обиделе со оксидација да го соберат манганот, но безуспешно.
За денеска попладне е закажана нова седница на Советот на општина Берово, каде ќе се расправа за проблемот со водата за пиење. Повикани се и претставниците на „Водостопанство“, кои се очекува да информираат за нивните активности. Од јавното претпртијатие побараа „Водостопанство“ да направи длабински истражувања во обид да се најде изворот на манганот. Советниците побараа и независна анализа на водата.
– Ве известуваме во наредниот период водата да се користи само како техничка вода. Состојбата ќе трае се додека квалитетот на водата не се усогласи во границите кои ги пропишува Правилникот за вода за пиење и додека резултатите од лабораториските анализи направени од акредитирана лабораторија бидат согласно наведениот правилник, соопштенија од Агенцијата за храна и ветеринарство – Сектор за инспекциски надзор ПЕ – Берово.
Засега забраната од АХВ останува, се’ додека не потврдат новите анализи дека водата за пиење од беорвскиот водовод е исправна за пиење.
В.К.