Парите за спорт на локални и државни ниво во најголем дел се наменуваат за машките спортисти и машките клубови. За спортистките остануваат трошки од колачот, кој особено во некои општини е сериозен износ од буџетот што подеднакво го полнат и мажите и жените. Ваквата неправедна поделба ги дестимулира спортистките, кои се откажуваат од спортска кариера или доколку продолжат понатаму, покрај на спортскиот ринг, се борат и со недостапноста на фондовите и стереотипиите.
Меѓу малкуте наши спортистки кои доживееја олимписка слава е теквондистката Милијана Рељиќ, која летово го имаше својот прв настап на Летните олимписки игри во Париз. Милијана стигна до четвртфиналето, но, и за такви големи настани, како што е Олимпијадата, немаше добра финансиска помош од државата.
„Во последните четири-пет години имавме поддршка која не беше доволна за да ги покрие сите трошоци за натпреварите. Поради тоа, моравме да вложуваме лични средства за да дојдеме до ова ниво. Средствата кои ни ги даваше државата беа далеку од доволни за да се подготвиме за еден настан како Олимпијадата. Токму во година на Летни Олимписки игри немав ниту спортски ваучер, ниту стипендија од Агенцијата за млади и спорт. Од месец јануари ми ветија дека ќе ми доделат стипендија со која ќе ни бидат олеснети трошоците. Од Олимпискиот Комитет два месеци пред Олимпијадата ни беа дадени 100.000 денари кои ги искористивме за подготовки“, вели Рељиќ.
Таа додаде дека според одредени проценки, за целата подготовка за Олимписките игри која околу четири години, потребни се од 20.000 до 30.000 евра.
„Не се вложува доволно во женските спортови. Доколку сакаме да имаме поголеми успеси, потребно е многу повеќе да се вложува. Доколку би имала повеќе средства на располагање кои би ги искористила за тренинг кампови, на некои натпревари кои навистина се далеку, сигурна сум дека и успесите би биле поголеми. И покрај ова, јас нема да се откажам и наоѓам начини како да ги покријам трошоците кои поголем дел се покриваат од свој џеб“, објаснува таа.
Она што загрижува е бројот на спортистки кои се откажале поради слабата поддршка од државата.
„Едноставно нема начин на кој сами би ги покривале сите тие трошоци, потребна е и помош за да бидат испорачани резултати. Она што јас би им го кажала на сите спортистки е да не се откажуваат иако можеби е тешко и изгледа невозможно“, кажа Рељиќ.
Спортот не е само машка преокупација, што го покажува присуството на жените во спортот последните години. Нивните успешни достигнувања започнуваат да привлекуваат внимание и почит. Спортистки од различни дисциплини, од фудбал и ракомет до атлетика и тенис, ги кршат стереотипите и ја демонстрираат својата физичка и ментална издржливост на високо ниво.
Но, овој позитивен тренд недоволно го следи издвојувањето на средства за жените во спортот. Факт е дека финансирањето на женскиот спорт во Македонија долго време беше на маргините, со многу помала поддршка во споредба со машките спортови. И покрај тоа што женските тимови и спортистки постигнуваат значајни резултати, нивната финансиска поддршка често е ограничена и не е доволна за да им овозможи исто ниво на развој и услови како што имаат нивните машки колеги.
Идентично е и на локално ниво. Илустративна е распределбата на спортскиот денар во Општина Велес за 2024 година. Имено, од парите наменети за поддршка на спортот, само еден женски клуб добил пари. Од издвоените 3.250.000 денари, женскиот фудбалски клуб „Борец“ добил годишна помош од 300.000 денари, а останатиот дел од финансирањето е наменето само за клубови во машка категорија.
Минимални средства завршуваат кај жените во спортот
Финасисрањето на спортот е преку неколку извори, вклучително и преку Програмата за распределба на средства од игри на среќа и забавните игри за финансирање на националните спортски федерации, како и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот, односно сегашното Министерство за спорт.
Токму во рамките на оваа Програма постои специфичен извор на финансирање што е наменет за унапредување на родовата еднаквост во спортските федерации, кој е воведен во 2020 година.
Во 2022 година, од вкупниот буџет од 50 милиони денари, само 4,5 милиони денари или помалку од една десетина се издвоени за финансирање проекти на националните спортски федерации за „поддршка на жените во спортот, родова еднаквост во сите сфери на функционирањето на спортот“. Во рамките на оваа линија за финансирање во 2021 година е распределен износ од 3, 5 милиони денари, а во 2020 година износ од само 2,5 милиони денари, покажува анализата на UN Women објавена во 2022 година.
Спортските програми што се во надлежност на локалната самоуправа пак зависат од финансиските можности на општините. Овие програми ретко даваат поддршка за спортски клубови или за женски спортски натпревари, независно од постигнатите добри успеси.
Поголеми финансиски средства очекува и женскиот кошаркарски клуб Баскет Кам кој во последните пет години, во четири наврати беше шампион на Македонија.
„За 2024 година општината даде приближно 1.800.000 денари, а помошта од државата беше околу 4.000.000 денари. Како клубот кој покрај шампион на Македонија, во четири наврати го освои и Купот на Македонија и кој зеде учество на WABBA Лигата и отворената Балканска лига годинава, кажува дека вложувањата се на високо ниво, но за да продолжат ваквите успеси, потребни се дополнителни средства за нормално функционирање и развој на клубот“, велат од ЖКК Баскет Кам.
Клубот од Македонска Каменица се финансира со помош на државата, општината, рудникот Саса, како и спонзорства од помали фирми.
„Најважно за секој клуб е да има стабилна финансиска конструкција и план за финансирање за период од минимум четири години. За да може клубот да се развива и да планира систем во кој ќе играме ФИБА Евро Куп, ни треба поддршка бидејќи не само што ја претставуваме Македонска Каменица, туку и Македонија“, додаваат од клубот.
Родовите дезинформации – Пречка за жените во спортот
Стереотипиите се следната значајна пречка за спортистките. Македонската јавност добро ги памети новинарските извештаи за боксерките Имане Калиф и Лин Ју-Тин за време на Летните олимписки игри во Париз, кои во голема мера оставија простор за конзервативни и трансфобични ставови. Ова придонесува за одржување на родовите стереотипи, објективизација и дискриминација на спортистките и жените во општеството, покажува Анализата на родово базирани медиумски содржини „Родовите дезинформации препрека за жените во спортот“ на Институтот за комуникациски студии.
Во извештаите се потврдуваат стереотипите за тоа што значи „жена“ и „женственост“, односно дека со соодветна шминка и облека се „станува“ и се докажува дека некоја личност е жена. На овој начин медиумите прават објективизација на жените, давајќи им „дозвола“ да бидат жени единствено доколку ги исполнуваат патријархалните општествени очекувања за нивниот изглед.
Исто така, забележително е и високо ниво на сензационализам, особено во насловите кои не соодветствуваат со суштината на новинарскиот извештај, што води до површни заклучоци од публиката и ширење на родови дезинформации и говор на омраза.
„Имајќи предвид дека анализата опфати проблематика што е особено сензитивна, но и актуелна во изминатите неколку години, со порастот на антиродовите движења во земјава и светот, во новинарските извештаи сѐ уште постои ниско ниво на свест за принципите на различност и недискриминација, како и за можните негативни последици од начинот на известување за сензитивни теми. Притоа, во извештаите им се дава поголем простор на негативните коментари и изјави од страна на разни јавни личности што се познати по нивните конзервативни и трансфобични ставови“, се наведува во Анализата.
Главните дезинформации доаѓаат токму од медиумите и од авторите, додека пак на социјалните мрежи само се пренесуваат истите наративи веќе покренати од медиумите. Во извештаите се пренесуваат сувопарни изјави, кои најчесто се преведени од извештаи на странски медиуми, при што ретко се наведуваат изворите од кои е преземена веста, а најчесто не се наведува ни авторот/ката на новинарскиот извештај, а не се прави ниту проверка на тврдењата што се пренесуваат, ниту пак се дава критички осврт на пренесените изјави.
Присуството на жените во спортот во Македонија денес игра сè поважна улога во развојот на спортската сцена. Со секојдневниот напор и посветеност, тие успеваат да го пробијат стаклениот таван на традиционалните бариери и да се докажат како успешни и конкурентни на национално и меѓународно ниво. Сепак, и покрај напредокот, жените во спортот се соочуваат со многу предизвици, како што се нееднакви финансиски средства, недостаток на поддршка и медиумско внимание. Но, нивната посветеност и достигнувања продолжуваат да инспирираат нови генерации на млади талентирани спортистки, кои го променуваат лице на македонскиот спорт.
Кристијан Трајчов