Стотици пријави за насилство над жени, стотици пријави за семејно насилство, во кое, повторно, најчести жртви се жените, убиства на жени од нивните сопружници, деца или љубовни партнери.
Трендот на насилство над жените во Македонија е застрашувачки, особено ако се земе предвид дека само два проценти од жртвите на насилство го пријавуваат. Според невладиниот сектор, голем проблем е неимплементацијата на законите. ММС разговараше со Бети Пеева од невладиниот сектор ЕХО, кој ги посочи проблемите.
„-Кај нас е можеби поизразено насилството заради системот, кој послабо функционира. Имплементацијата на законите е голем проблем. Ние имаме закони, можеби немаат соодветни санкции, но се правеа измени во Кривичниот закон, имаме и Закон за спречување и заштита од насилство врз жените, меѓутоа имплементацијата е многу слаба. Нема најстроги казни за сторителите и не се постигнува ефектот воспитно и превентивно да се делува кај сторителите и потенцијалните сторители на насилство. Податоците на Основниот кривичен суд Скопје говорат дека има тренд на зголемување на бројот на предмети и обвинети лица поврзани со семејно насилство, но во пораст се и условните пресуди и прекините на постапката. Причините лежат во тоа што многу често насилникот нема други кривични дела, изразува жалење за постапката пред суд, а жените најчесто го прифаќаат извинувањето и високи 80 проценти од нив се откажуваат од понатамоно гонење на насилникот.
Но, зошто жртвата на насилство, која тргнала по патот на правдата, во даден момент целосно се повлекува од правното гонење на насилникот?
– Институциите – полицијата, центрите за социјална работа, пред сè, заради мајндсетот на дел од службените лица, поради предрасудите и стереотипите кои тие самите ги имаат и не секогаш делуваат соодветно. Тргнуваат од сопствената перцепција, а не професионално. Вообичаено нивните реакции се несоодветни, пробуваат да ги смират, прават медијација меѓу насилникот и жртвата, што е строго забрането. Ова, секако, не се однесува на сите, но постојат слаби алки и во полицијата и во центрите за социјална работа, во судовите, во обвинителствата, секаде. Тие слаби алки треба да се детектираат и да бидат отстранети. Во периодот од 2020 до март годинава имало вкупно 4.484 пријави за семејно насилство, а сторителите во 91% од случаите биле мажи. 79% од жртвите на семејно насилство биле жени. Бројот на убиства на жени од сопружници, љубовни партнери или деца во истиот период е 22, а 12 се убиства во обид. Најмногу убиства, седум, како резултат на семејно насилство имало во 2022, а во 2023 убиени се пет жени.
Зошто толку чести сторители се за насилство над своите мајки се децата?
-Социјален феномен е тоа што многу често децата растени во семејства со насилство, стануваат насилници самите, па неретко жените малтретирани од мажот, во текот на животот се малтретирани и од синот. Токму затоа многу е важна работата со семејствата и жртвите на насилство: Постојано треба да се работи на сензибилизација на службените лица, на младите луѓе, на децата. Од мали децата да се воспитуваат да се однесуваат со почит, да се работи на семејствата. Траумите се пренесуваат од генерација на генерација, не може да се прекине тој круг на насилство, младите учат од старите, ако постои таков тренд на насилство во семејството. Треба многу работа и освестување на самите жртви, да сфатат дека тоа не им е дадено судбински и дека тие се тие што треба да стават крај на сето тоа, дека од нив започнува борбата со насилството.
Инаку, насилството врз жените освен историски, сеуште опстојува како глобален феномен и се должи на историската дискриминација врз жените, кои многу култури ги поставуваат како граѓани од втор ред. Токму и нашиот регион долго бил подложен на такви влијанија и денес, и покрај легислативата која жените ги изедначува со мажите и најостро го осудува насилството, сеуште културолошки, особено во помалите места, жените немаат финансиска слобода, немаат имот на свое име, поретко работат и почесто се помалку платени за истата работа од мажите. За позитивни промени потребно е многу, но промената треба да се случи на секое ниво – од жртвата, преку семејството, до средината, училиштата и институциите во целина.
(В.К.)