Делумното нормализирање на јавниот превоз во Скопје не ги одврати граѓаните од идејата да побараат оставка од градоначалничката, Данела Арсовска по вечрашниот колапс на автобускиот сообраќај. Средношколците и студентите денеска се обединија на протест пред Град Скопје и порачаа дека не сакаат да бидат злоупотребувани и да го носат товарот од партиските препукувања.
Претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Александар Николовски рече дека 85 отсто од студентите во последните две недели чекаат автобус по повеќе од 15 минути, а 65 отсто по повеќе од 20 минути.
„Дополнително, 95 проценти од студентите не се задоволни со услугите кои ги нуди Градот Скопје во однос на јавниот превоз . УУС УКИМ се приклучи на овој протест поради тоа што сметаме дека поради лични интереси и партиски препукувања студентите и средношколците не смеат да трпат товар. Бараме од нив да престане злоупотребата“, рече Николовски.
Барањата до градоначалничката Арсовска, студентите ги сумираа во Ултиматум преку кој побараа да се набават нови автобуси и да се пуштат нови линии.
„Бараме да бидат отпочнати и завршени сите инфраструктурни ветувања, да се поддржат алтернативни опции на превоз, да се изгради градска железница и пруга до Аеродромот Скопје, но и да се заврши проектот за Бас рапид транспорт“, посочи Адела Асани, секретар на УСС УКИМ.
Хаосот со превозот им го отежнува пристапот до образовните услуги и на средношколците, кои исто така се приклучија на денешниот протест. Потсетија дека на проблемите со јавниот превоз укажале уште пред две години.
„Веќе 2 години се занимаваме со превозот за тој да биде фер за сите средношколци. Во декември 2023 Уставниот суд донесе одлука дека скопскиот превоз треба да биде бесплатен за сите ученици. Оваа одлука не беше испочитувана од Град Скопје. Во секој клас, пола од класот е празен поради јавниот превоз. Учениците не можат да бидат присутни училниците“, изјави Берин Мухамед од Средношколскиот сојуз.
Граѓаните со кои поразговаравме за време на протестот, ги обвинија политичарите дека не мислат за народот и дека мислат само за пари, а граѓаните треба да ги молат за сопствените права.
Денешниот собир пред Град Скопје се организираше на иницијатива на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш. Граѓаните од неговата општина обвинија дека се дискриминирани и дека се заложници на Арсовска.
„Срам да ѝ е на Данела, јас сум вработена 37 години, но ова чудо не го видов досега. Пешки одам сега овие две години откако е Данела на функција, јас немам превоз. Таа се вози со убави коли, а јас да одам пеш“, изјави револтираната жена.
Градоначалникот Дудуш нагласи дека ако не се реши проблемот, тие повторно ќе протестираат.
„Сите кои ги засега овој проблем денеска се тука со мене да го искажеме нашиот револт од градоначалничката. Тука се неколку барања од граѓаните на Шуто Оризари во однос на функционирањето на ЈСП во општината како услов за прекин на протестите. Ова нема да застане тука ако не се реши проблемот. Следната недела најавуваме повторно протести“, рече Дудуш.
„Прво, градоначалничке да ве потсетиме дека на 12.09.2022 дури 2000 граѓани на Шуто Оризари ви дојдоа пред врата пешки преку ист ваков мировен протест и ве прашаа до кога овие граѓани ќе се корисници на недостојни автобуси, нецелосни линии на јавниот превоз? До кога ќе чекаат изградба на паркови, на булевари во општина Шуто Оризари, кога ќе се вработат Роми во Град Скопје? Одговори сѐ уште немаме, а денес по две години имаме уште повеќе прашања за вашата негрижа за нас“, додаде Дудуш.
(В. Ми)