Земјотресите во Македонија и соседните држави, што се случија изминатиот период, а кои за среќа беа слаби, ги вознемирија граѓаните, кои иако се свесни дека сме трусно подрачје, сепак, стравот е голем да не се повтори 1963 година, земјотрес кој зема многу животи и го погоди главниот град. Дали треба да се плашиме? Може ли да се предвиди земјотресот? Како да постапиме? Ова се само дел од прашањата што сите си ги поставуваме кога ќе се затресе тлото.
ММС се обрати до Инстутот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИИС) од каде ни рекоа дека не треба да се крева паника. Проф. д-р по земјотресно инжинерство, Радмила Шалиќ Макреска, која во моментов е заменик директор за меѓународна соработка и развој при ИЗИИС, ни рече дека се ова што се случува е една нормална сеизмичка активност за нашиот регион и не значи дека зголемената слаба сеизмичка активност може да е знак дека би се случил некој поголем земјотрес.
-Таа сеизмичка енергија која се ослободува, а претходно се акумулира е еден природен текстонски процес. Ослободувањето на таа сеизмичка енергија не е изразито регуларно, некогаш е поинтензино, некогаш не е. Но, тоа не треба да не загрижува или најавува дека сега ќе следи нешто поголемо. Секако дека може и да следи, но тоа со сигурност не можеме да го кажеме. А појавата на магнитудите 2 или 2,5 или 3 е една редовна појава на ослоободување на акумулирана сеизмичка енергија. За јавноста ова не треба да биде страшно или неочекувано. Ние сме сеизмичко поднебје и тоа мора да го прифатиме како природна појава што се случува и ќе се случува како дел од нашето секојдневното живеење. Земјотресите не можат со голема точност да се предвидат, како што е да речеме со временската прогноза. За земјотресите немаме доволно податоци во квантитет и веродостојна смисла за да можеме да развиваме прецизни прогностични модели. Нашата прогностика во делот на земјотресите е изразена во години, стотици години, во смисла на повторување на некоја магнитуда. Можеби на општата јавност ова не и значи многу, бидејќи сите ние сакаме да знаеме што ќе се случи утре, а не после 100 години, ни рече професорката Шалиќ Макреска и објасни на што треба да бидеме фокусирани.
-Фокусот, базирано на моменталниот развој на науката и праксата, треба да биде на квалитетната градба и градбата според современите прописи за проектирање. Само тоа може да не заштити од земјотрес и како граѓани и како опшество. Градбите, инфраструктурата и виталните системи треба да се безбедни за да можат да ги издржат земјотресите без поголеми оштетувања и секако граѓаните да бидат информирани и подготвени како да постапуваат во случај на земјотрес. Тоа се сегментите на кои сите ние треба да работиме и да се унапредуваме, а не фокусот да ни биде на тоа дали утре би се случил земјотрес. Ако не ни се квалитетни градбите и да знаеме дека утре ќе има земјотрес би се евакуирале и би ги заштитиле животите што е императив, но сме го изгубиле градот и сите витални функции во него со големи импликации по целото општество. Новите концепти се доследна примена на прописите, унапредување на безбедноста на градбите, безбедноста на инфраструктурата и подготвеноста на опшеството да одговори на земјотресите. Јас тоа би го препорачала. А зголемената сеизмичка активност не треба да се сфати како најава за поголем земјотрес, додаде таа.
Но, со оглед на времето во кое живееме, а во кое материјалното го има целиот приоритет, пред здравјето и иднината, колку ни се сигурни градбите и дали прописите се спроведуваат доследно?
-Ние имаме прописи за проектирање уште од 1948 година, кои со текот на времето се менувани и унапредувани. Во моментов во Македонија веќе четврта година имаме паралелна примена на два прописи. Едниот е Југословенски пропис од 1981 година, а дригиот е Европски пропис за проектирање. Тоа значи дека по Закон во моментов нашите згради можат да се проектираат по еден од овие два прописа. Сеизмичките параметри кои се земаат во проектирањето зависат од зоната во која се гради објектот. Во Македонија постојат пет зони со различно ниво на сеизмичка опасност. Според најновите карти изработени од нашиот Институт, зоните околу Скопје, Дебар, Охрид, Пехчево – граница со Бугарија и Валандово се зони со релативно висока сеизмичка опасност, објасни професорката.
Шалиќ Макреска рече дека не може земјотресот да се предвиди со голема точност затоа што едноставно непостојат доволно веродостојни податоци за тоа, поаѓајки од фактот што земјотресите како појава се многу ретки и сложени процеси.
-Сеизмологијата е една од најмладите науки, а зборуваме за процеси кои се повторуваат на 500, на 1000 години, за кои ние немаме сознанија. Тоа се процеси кои дирекно зависат од сложените тектонски движења на планетата Земја. Тоа се исклучително комплексни процеси и не е едноставно во научна смисла да се направи предвидување. Има секако обиди од разни групи на научници во Јапонија, во Кина, САД, но и покрај сите напори сеуште не може со сигурност да се потврди дека има некој значителен напредок во оваа смисла. Постојат само долгорочни предвидувања и прогнози кои се базариаат доминантно на статистички податоци, посочи таа.
Ова значи дека на нас како граѓани ни останува само да се обучиме за постапка при земјотрес и да живееме во безбедни згради. А како се градат зградите кај нас? Симуација на издржливост досега јавно имало само во неколку случаи на толкава наезда на градење чудовишта во Скопје.
-За жал во законите и правилниците не постои обврска инвеститорот да направи тестирање со принудни вибрации. Тие тестирања обично доѓаат од инвеститори кои сакаат да ја докажат сигурноста на зградата заради сигурноста на купувачите. Кај нас кога за прв пат во блиското минато се направија повисоки згради од 20 ката, веднаш се појавија разни шпекулации и размислувања колку се тие сигурни, со оглед дека Скопје е трусно подрачје и дали зградите ќе издржат. Оттаму имаше инвеститори кои сметаа дека е добро да се направат вакви тестирања и за повеќе објекти сме аплицирале техника на принудни и амбиент вибрации. Секако не треба да изумиме дека прописите нудат соодветно ниво на заштита и доколку сите чинители во процесот на градба доследно ги почитуваат прописите, истите ќе бидат безбедни за соодветното ниво на сеизмичка опасност. Филозофијата на прописите за проектирање е „заштита на човечки животи“, но тоа не значи исклучиво неповредливи објекти, рече професорката и дообјасни:
– Прописот вели дека објектот се проектира да издржи две нивоа на земјотрес. Едниот е т.н. чест земјотрес, кој се јавува еднаш во 95 години, а другиот е т.н. редок земјотрес, кој се јавува барем еднаш во 475 години. При првото ниво на земјотрес зградата не смее да претрпи никакви конструктивни оштетувања. Дозволени се многу ограничени мали неконструктивни оштетувања, како што се пр. преградни ѕидови. Ако се случи реткиот земјотрес на објектот му се дозволуваат контролирани конструктивни оштетувања, во одредени зони, на начин со кој се осигурува лом. Објектот во овој случај не смее да се сруши, бидејќи премисата е да се спаси човечкиот живот.
Е сега прашањето е може ли да се проектира објект кој нема да претрпи никакво оштетување? Секако тоа е теоретски и практично можно, но тоа условува исклучително скапа градба, која нашата економија не може да ја поддржи. Впрочем нема економија во светот која може да поддржи таков тип на градба, ниту се разбира и во развиените земји. Затоа концепцијата на прописите подразбира контролирано ниво на сеизмички ризик, преку заштита на човечките животи и лимитирана штета, објасни професорката.
„Затоа, како што рече таа, тргнувајќи од премисата дека објектите кои се градени согласно на прописите нема да се срушат, велиме да не се бега панично надвор за време на земјотрес. Треба само да се засолниме под маса, или да ја заштитме главата од повреди во случај да не ни падне нешто што може да не повреди. По завршувањето на земјотресот полека, по најбезбедната рута се излегува надвор. Значи да резимираме – безбедноста на градбите е број еден приоритет, а тоа дали утре ќе се случи земјотрес или не, е нешто што современата наука не може да го предвиди ниту да го контролира. Како паралела земете ги ефектите од земјотресите со иста магнутуда во различни делови на светот, пример Јапонија и Турција. Несомнено, последиците не се компарабилни“.
Според професорката најважно е како општество да не ни се провлекуваат градби проектирани или изградени вон законската регулатива. „За жал во Македонија, па и во поширокото подрачје на Скопје сеуште имаме значителен процент на бесправна градба, на кои како држава треба сериозно да се посветиме. Колкав е ризикот поврзан со овој тип на градба? Колку и на кој начин се контролираат овие градби во смисла на исполнување на норми од прописите за проектирање и градење? Колку луѓе се изложени на ризик поврзан со овие објекти?“- посочи Шалиќ Макреска.
Но, не е само тоа што го вели професорката, бидејќи доколку е се како што кажуваат прописите тогаш во нашето опшество воопшто не би се споменувале зборовите „урбана мафија“, „градежни чудовишта“, „корупција“.., кои се толку чести.
Во врска со ова професорката рече:
-Тоа е добро прашање. Во процесот на градење има повеќе чинители. Не велам дека секторот градежништво е имун на овие негативни општествени појави. Во овој сегмент, колку се почитува легислативата, и дали има спреги во системот, тоа е прашање за други органи и надлежни тела. Во 2013 година Владата согледа дека е потребно уште едно ниво на контрола во овој домен и на членот 4, додаде нов член 4а од Законот за градење, кој ги обврза сите инвеститори во документацијата за градба да имаат уште еден документ- мислење за проектиран и изведен степен на механичка отпорност, сигурност и сеизмичка заштита. Од нашето искуство како Институт кој има мандат да издава вакви Мислења, на многу објекти сме нашле забелешки, во смисла на корекција или дополна на проектната документација во правец доследно да се следат прописите. Имало и случаи кога сме давале и негативни мислења. Е сега понатаму дали се изградиле овие објекти со таква документација, не можам да тврдам, рече професорката.
На крај ја прашавме професорката што мисли за тоа што многу често може да се слушне меѓу луѓето дека земјотресот во Скопје од 1963 година може да се повтори за 100 години или помалку?
– Од честите земјотреси што ги споменав претходно, ние веќе искусивме еден во 2016 година со магнитуда од 5.3 степени. За нас како истражувачи ова беше и еден добар реален тест за квалитетот на нашите градби. Земјотресот покажа дека градбите кои се проектирани по последниот, југословенскиот пропис од 1981 година, се однесуваа исклучително задоволително, односно онака како што се проектирани. Кај некои од нив имаше ситни лимитирани неконструктивни оштетувања. Постарите згради пак, проектирани по прописите од 1948, па и донекаде од 1964 година, покажаа поголемо ниво на неконструктинво оштетување. Секако тука има улога и староста на градбите, дотраеноста си има свое влијание. Поголеми оштетувања имавме во секторот на дивоградбите и субстандардните градби, но и постарите објекти градени вон прописите, пред 1948 година. Значи земјотресот од 2016 година ни покажа дека навистина објектите што се проектирани и градени по прописи си одговорија како што се проектирани и како што е очекувано, и јасно се исцртаа, можам да кажам, фелерите во изграденото портфолио. Затоа сметам дека треба да се вложат повеќе напори истите тие фелери јасно да се идентификуваат, и да се превземат соодветни мерки и активности во смисла на нивно санирање. Во спротивно секој земјотрес, па макар и мал, може да се претвори во катастрофа, рече Шалиќ Макреска.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски