Експресниот пат Штип – Кочани, кој официјално беше пуштен во употреба во декември 2022, требаше да биде светла точка во инфраструктурното поврзување на истокот од државата, но наместо тоа, стана популарен како делница на смртта, заради големиот број на сообраќајни несреќи и жртви кои овој пат ги зема од неговото отворање.
Најнегативниот тренд патот го имаше во првите пет месеци од годинава, кога се случија девет сообраќајни несреќи, во кои вкупно имаше над 20 повредени, а три несреќи беа со смртен исход, во кои загинаа пет лица. Трендот на висок број на сообраќајни несреќи има и во останатите месеци, а последен пат несреќа со смртен исход имаше на 21 септември.
Зошто е тоа така, кога она што е најчудно е што паралелно со овој пат има магистрален пат Штип – Кочани, на кој сообраќајните незгоди се радикално поретки.
„Точно е дека на старите и оштетени патишта имаме помалку сообраќајни незгоди, а тоа се должи на густината на сообраќај, навиките на возачите и самите оштетувања на патиштата, кои не дозволуваат зголемување на брзината, која е најчест фактор за сообраќајните незгоди. Случајот кај новите патишта е тоа што сеуште не е доуреден сообраќајниот план, мали се контролите од полициските служби, не доволната осветленост на ваквите патишта и како најголем фактор можеби, несовесноста кај одредена група на возачи кои не ги почитуваат правилата во сообраќајот, смета сообраќајниот експерт и инструктор на возачи, Драган Рогожарски.
Но, не е само овој пат црна дупка, бидејќи трендот на сообраќајни несреќи е негативен во цела држава.
„Статистички гледано, Македонија е држава со растечка бројка на загинати лица од година во година. Тоа се должи на непочитувањето на сообраќајните знаци и правила, ниската стапка на свесност на возачите, како и неконтролираното возење под дејство на алкохол и супстанци. Имаме сериозни бројки, со над седум илјади повредени и 127 загинати изминатата година, од кои 64 биле возачи на возилата, додава Рогожарски.
Според него, превенцијата, но и сообраќајната свест и култура се всадуваат успешно само уште од најмали нозе. За останатите најдобро решение се засилените контроли и казните.
„Мое видување е дека најпрво мораме да работиме со најмалите групи, односно децата во основните училишта. Неизбежно е да се даде акцент на свесноста во сообраќајот преку игри, дебати и обуки поддржани од институции за развој на младите. Мора да се преземат драстични казни за несовесно возење и трајни одземања на возачките дозволи. Важен елемент се и лекарските прегледи, кои треба да се сфатат многу сериозно и да биде многу поисклучителна претпазливоста на службите за издавање на лекарски уверенија, кои се обврзани да ја утврдат менталната состојба на секој поединец кој сака да биде возач, додава Рогожарски.
На Светскиот ден посветен на жртвите на сообраќајни незгоди, кој се одбележува на 17 ноември, Обединетите нации објавија застрашувачка статистика, според која број еден причина за смрт кај младите од 15 до 29 години во светот се сообраќајните несреќи, а животот во сообраќајни несреќи годишно го губат околу 1,5 милиони луѓе.
(М.К.)