По седумнаесет дена борба, младата Ања Радоњиќ им подлегна на повредите со кои се здоби при неодамнешната несреќа во Нови Сад.
По извлекувањето од рушевините, Ања имаше внатрешно крварење, раката ѝ беше ампутирана и беше приклучена на дијализа. Семејството и нејзиното момче деноноќно беа во болницата молејќи се таа да се опорави – пренесува српски Информер.
Нејзиниот партнер бил и сведок на целото трагично случување. Имено, тие двајца зборувале по телефон додека таа излегувала од станицата во Нови Сад, а кратко потоа се срушила настрешницата.
„Тешко е за сите. А како што раскажа тој, бил оддалечен само неколку метри од неа. Чекал да излезе од железничката станица. Во моментот кога се случила несреќата, кога паднала настрешницата тие всушност зборувале на телефон. Тој видел сѐ, секој момент“, раскажа роднина на Ања.
Таа студирала на Филолошкиот факултет во Белград, на отсекот за кинески јазик. Информацијата дека таа починала, ја потврди и в.д. директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов.
Инаку, семејството и пријателите на Ања се збогуваат со неа преку објави на социјалните мрежи.
„Почивај во мир, добар и храбар ангелу“, пишува во една од многубројните објави.
„Ова е една незамислива тага. Зборовите како и да не постојат, пред оваа трагедија човек може само да занеми. Ања, ти беше посебна девојка и како таква ќе те паметиме“;
„Убавице не издржа, прерано си замина, но Бог ги сака ангелите, а ти секако си дел од нив“; се додава во објавите.