По повод Европската недела на ХИВ тестирање и месецот на машкото здравје, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација, под мотото „Тестни се! Прегледај се бесплатно, доверливо и безбедно” им овозможува на сите заинтересирани граѓани во периодот 18-23 ноември бесплатно и доверливо да се тестираат за ХИВ и други сексуално преносливи инфекции во Младинскиот Центар „Сакам да знам” на Водно.
Истражувањата покажуваат дека една од најголемите пречки за справување со ХИВ е доцната дијагноза, затоа превенцијата и раното откривање на ХИВ се клучни.
Со раното откривање на ХИВ и навремениот третман, целосно се спречува ризикот од понатамошно пренесување на инфекцијата по сексуален начин. Антиретровирусната терапија покрај тоа што им овозможува на лицата со ХИВ да живеат долго и квалитетно, е ефективна превенција на ХИВ, бидејќи го намалува вирусот на недетектибилно ниво, а со тоа оневозможува натамошен пренос – велат од ХЕРА.
Резултатите се доверливи и се добиваат за само 20 минути, а услугите вклучуваат и тестови за други сексуално преносливи инфекции како сифилис, гонореја и кламидија.
Европската недела на ХИВ тестирање, која се одржува од денеска до 25 ноември, им нуди на партнерите низ Европа единствена можност да се обединат за да ја зголемат свеста за придобивките од раното тестирање за ХИВ, хепатитис и СПИ кај оние кои се изложени на ризик и да промовираат зголемен пристап до тестирање. Оваа иницијатива нуди бесплатни, анонимни и доверливи тестирања за ХИВ на различни локации низ државата.