Златното грло Наум Петрески веќе неколку години се бори со дијабетисот, за кој вели дека го наследил од двајцата родители, но и дека стресот помогнал болеста да се појави на многу помлади години, отколку што го добиле неговите предци. Тој е под терапија, видно е ослабен и вели дека слабеењето не му е од специјален режим на исхрана, туку од лекарствата што ги пие.
-Ова ни е семејна болест, ја наследуваме со генерации. Бабите и дедовци и од страна на мајка ми и од страна на татко ми имале дијабетис. Открив дека имам дијабетис на мојот 50-ти роденден. Сакав нешто да прочитам и не можев да го прочитам, видот ми беше замаглен. А тогаш бев под голем стрес околу кампањата, прославата на јубилејот и тој голем стрес придонесе да ми се јави побрзо. А не смеам да ја испуштам и гојазноста, во тоа време бев многу поправен. Утредента отидов на ендокринолог и ми ми најдоа шекер 29,6. Многу сериозно. Веднаш ми препишаа терапија, која за седум дена ми го симна на 11, а потоа дојде на нормала, 6,5 до 7. Таа терапија од тогаш ја примам, еве веќе осма година, вели Наум.
Скоро една година Наум прима уште едни таблетки, кои му ги намалиле килограмите.
-Пијам „Jardans“ еве веќе една година и до сега сум ослабен 15 килограми, бидејќи не само што го рекулираат шеќерот, туку и придонесуваат за слабеење. Овие таблетки се купуваат приватно, а секако дека ми се по препорака на лекар. Минатата недела бев во Белград и едвај најдов седум пакувања во седум различни аптеки, бидејќи го купувале и за слабеење, рече тој.
Наум вели дека иако изминативе години имал повеќе килограми, тоа не било од многу јадење, туку од нередовни оброци. Но, за разлика од тогаш, сега повеќе внимава кога и што внесува во организмот.
-Јас не бев некој јадач. Мене повеќе ми беше убаво да седам по „кафани“ и да мезам, да се дружам. Но, тоа беше нередовно, навечер, на трчаници, беше се што не требаше. Никогаш не сум се прејадувал. Со оглед на начинот на живот тогаш и не можеше поинаку. Како да постапиш кога си некаде на пеење, а се знае дека тоа претежно е навечер. А не било една вечер, тоа траеше со години. Сега избегнувам тестенини, мрсно и јадам почесто ама по помалку. Салата и овошје сум јадел и тогаш и сега. Мене салата, супа и чорба ми се главните јадења. Никогаш не сум бил по печење. Да, сакам да готвам, но не и да јадам, вели Наум.
Токму заради овие здравствени проблеми Наум ги редуцирал неговите настапи, патувања. И секако го намалил стресот.
-Не одам секаде по секоја цена, како што тоа беше порано. Одам само на поголеми настани, порелаксиран сум. Веќе немам целовечерни настапи, туку само како гостин, се појавувам само еден час и толку. Настапувам и на плоштади, на свадби, на прослави ама само по еден час пеење, како гостин. Заглавување по цели ноќи веќе нема, раскажа тој.
Наум има дијабетис тип 2 или тој наследниот, како што вели. Свесен бил дека заради тоа можеи он да се разболи, но не очекувал тоа да се случи толку рано во животот.
– Дијабетис имаа бабите и деовците и од кај мајка ми и од кај татко ми, го имаше татко ми, го има мајка ми. Го добиле во подоцнежните години. Но, мене стресот ми придонесе да ми се појави многу порано. Иако морам да признам дека за ништо не ми е жал што поминав, не сум претерувал секој ден. Ако ми се погоди друштвото да, а можело и со недели да не заседнам. Сега одам на редовни контроли, тоа е после 50-ка. Се борам. Па сам себе треба да си најдобар доктор. Иако од наследното нема бегање, сега треба само да се чуваме. Порано знаев да се шегувам како родителите не ни оставаат во наследство милиони евра, туку болести, те дијабетис, те проширени вени, те други заболувања. Хаххах… Ама јас од мал сум навикнат да работам, никогаш кај мене не дошле лесни пари. Додека не го фатам микрофонот, додека не се испотам нема пари. Ама се што сум направил сум направил од срце, се пошегува на крајот Наум и по повод Светскиот ден на дијабетис порача:
-Човек највеќе сам треба да се грижи за своето здравје, не само лекарите. Да се сврти кон природата, која навистина е лек. Да се научи да го избегнува стресот максимално. Да бега од негативни луѓе и само позитивно размислување. Ама човек се учи додека е жив,добро е што има време за поправање, порача тој.
И на крајот Наум заврши шеговито во негов стил:
„Секоја болест ако не помине со лекарства ќе помине со ракија-мермеровача“.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски
–