Советот на Општина Кочани денеска донесе едногласна одлука за престанок на депонирање на отпад од соседните општини, Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини.
Сите 19 советници изгласаа веднаш да се престане со депонирањето на комуналниот отпад се до почнување со работа на Регионалната депонија во Свети Николе и до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на Градската депонија во Кочани.
„Советот воден од барањата на нашите граѓани кои протестираат за чист воздух и за целата ситуација којашто настана во Кочани и донесените заклучоците што на 1 ноември ги донесе Локалниот Совет за превенција, односно Штабот за заштита и спасување на кој присуствуваа повеќе од 26 претставници, денеска како точка еден едногласно од сите деветнаесет советници, Советот донесе одлука за престанок на донесување на комунален отпад од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини. Во член 1 од одлуката Советот на Oпштина Кочани побара веднаш да престане депонирањето на комуналниот отпад се до почнување со работа на Регионалната депонија во Свети Николе и до моментот на избор на постојан оператор за одржување и затворање на Градската депонија во Кочани“, рече Лазо Митев, претседател на Советот на Општина Кочани.
Одлуката стапува на сила со денот на донесувањето и истата ќе биде доставена до КЈП „Водовод“ – Кочани, соседните општини, Виница, Чешиново-Облешево, Зрновци и другите општини и Владата на Македонија.
Воедно, на предлог на советничката Жаклина Филипова Свеќаровска. Советот на Општина Кочани донесе иницијатива за формирање на надзорно тело – еко патрола за вршење на надзор на вршење и депонирање на сметот на територијата на Општина Кочани.
На седницата која беше отворена присуствуваа граѓани и еко активисти кои повеќе од две недели протестираа и бараа да не се депонира отпад од соседните општини.
„Ние сме презадоволни од одлуката на Советот и голема благодарност до градоначалникот кој сепак реши да застане на страната на граѓаните. Што се однесува до другите општини, мислам дека е правилно секој да си се грижи за својот двор и да си ги решава своите проблеми. Седум наши граѓани ќе бидат дел од надзорно тело кое допрва ќе биде формирано кое всушност ќе биде еко патрола за да се врши надзор на вршење и депонирање на сметот. Граѓаните на Кочани го подигнаа својот глас бидејќи граѓаните заслужуваат да имаат чист воздух“, рече Благица Сабовљевиќ Стоименова за ММС, која беше една од иницијаторите за блокадата и решавање на проблемот.
Кристијан Трајчов