„Мокар на дожд не се плаши!“ Ова значи дека дождот и студеното време нема да ги попречат кочанчани да останат на својот став- чист воздух за Кочани! Велат дека протестите на граѓаните продолжува и дека отпадот од соседните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци не може да оди во нивната депонија.
И понатаму ќе ги блокираат возилата на комуналните претпријатија на другите општини, а ќе ги пропуштаат само на кочанското, за да не може депонијата лоцирана на локалитетот Тупанец да им го зема здравјето.
Но, како токму овие граѓани и екоактивисти ги поминуваат студентите денови и кој се протестира?
„Ние сме таму постојано, деноноќно, граѓани од различни возрасти ротираат и се присутни таму, во главно пензионери. Младите обично се присутни наутро, вработените после работа и повторно во вечерните часови сите сме заедно во огромен број. Мислам дека најмалку сме по 20-30 луѓе. Самиот народ, бизнис секторот дава поддршка со чаеви, кафиња, храна и никој не останал ниту жеден ниту гладен, а поддршката доаѓа и од дијаспората“, вели Благица Сабовљевиќ Стоименова, една од учесничките на протестот.
Завчера граѓаните кои протестираат ги вратија комуналните возила со смет од општините Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево кои се обидоа да депонираат отпад на кочанската депонија и покрај одлуката на Општинскиот кризен штаб за заштита и спасување и на Локалниот совет за превенција на Кочани да престане да се донесува комунален отпад од соседните општини.
Според Сабовљевиќ Стоименова тоа било режирано, односно однапред испланирано.
„Беше направена герила акција од западниот влез на депонијата каде од трите општини имаше по едно возило, а напред имаше друго возило во кое беа тројцата раководители на јавните претпријатија на трите општини. Имаме сознанија дека тоа било режирано за да направат провокација и да можат да вмешаат и специјалните единици на полицијата за да не отераат од таму. Нашите локални институции не знаеле за ваквиот потег“, објаснува таа.
Благица додаде дека протестот нема да биде прекинат се додека не добијат писмена потврда од локалните власти дека другите општини нема да го носат ѓубрето кај нив.
„Денес, среда, ќе има седница на совет и очекуваме да биде одлучено во наша полза бидејќи советниците ни го ветија тоа. Ако тоа се случи, тогаш ќе биде на градоначалникот да го потпише тоа. Ние со Владата не контактираме, туку само со локалните власти. Ние чекаме позитивен одговор бидејќи градската депонија е само за овој град, но не и за другите. Очекуваме сите да си се грижат за своето ѓубре и да се однесуваат домаќински. Се случуваше порано ѓубрето од другите општини да го фрлаат кај нас покрај асфалтот, односно пред самата врата. Граѓаните цврсто стојат на ставот дека Кочани мора да биде здраво за живеење“, кажа таа.
Кристијан Трајчов