Вкупно 24 кандидати ќе се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тие веќе го поминаа „филтерот“ на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во Собанието, по што на јавна расправа која ќе се одржи утре ќе одговараат на прашањата од пратениците.
Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари…Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во Агенцијата (АВМУ).
Така на пример, во трката за новиот состав на Советот влегува и актуелниот претседател на ова тело, Лазо Петрушевски кој на оваа позиција доаѓа во јули 2014-та година, додека е помошник раководител на Секторот за информатички технологии и модернизација на Град Скопје. Неговиот колега кој е член на Советот на Агенцијата, Зоран Фиданоски исто така се најде меѓу кандидатите кои беа изгласани од надлежната собраниска комисија и кои допрва ќе треба да се претстават на јавната расправа.
Инженери, новинари, партиски членови во трка да го сочинуваат новиот состав на Советот на АВМУ
За разлика од Петрушевски кој дипломирал на електротехничкиот факултет во Скопје, Фидановски на јавноста ѝ е познат по новинарската кариера во неколку редакции во земјава. Она што е заедничко и за двајцата, е тоа што се членови на Советот од 2014 година па досега без прекин.
Новинарска кариера зад себе има и уште еден од претендентите за „влез“ во новиот Совет на АВМ, Миле Бошњаковски. Освен како новинар, Бошњаковски работеше и како директор на Корпоративни комуникации во приватна компанија, по што беше назначен за специјалист за комуникации при УНФПА. Во јули 2017 година тој стана портпарол на Владата предводена од Зоран Заев, за две години подоцна да дојде на позицијата генерален секретар во кабинетот на тогашниот шеф на државата, Пендаровски.
Од истата оваа фела доаѓа уште еден кандидат, новинарот Столе Наумов кој во април 2009 година доби шестгодишен мандат како член на тогашниот Совет за радиодифузија.
Меѓу неговите членови беше и м-р Драгица Љубевска, која од 2002-та година е дел од АВМУ, а во моментот раководи со Секторот за поддршка на работата на директорот и Советот на Агенцијата. Љубевска која има магистратура во областа на европската интеграција и комуникациите исто така е дел од 24-те кандидати кои ќе треба да се претстават на претстојната собраниска јавна расправа.
На јавната расправа на прашањата поставени од пратениците ќе треба да одговара и нејзината колешка Емилија Јаневска, по професија новинар и м-р на комуникации. Јаневска се потпишува како автор или коавтор на досегашните извештаи на АВМУ за изборните процеси. Дел е од Агенцијата од самото нејзино формирање, каде преминува од Советот за радиодифузија, со што Јаневска веќе 25 години учествува во регулаторниот процес на медиумите во земјава.
Исто такво искуство има и Андриана Скерлев Чакар, експерт за медиумска политика и регулација. Таа станува дел од Советот за радиодифузија во 1998 година, по што преминува во телото кое го замени, односно во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Нешто помало пак, е искуството на м-р Емилија Петреска-Камењарова, експертка во аферата на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Таа исто така се најде на листата на кандидати, а доколку биде меѓу седумтемина избрани, како член на Советот ќе дојде од позицијата помошник-раководител на Секторот за програмски работи при АВМУ.
Меѓу сегашните кандидати за членство во Советот доаѓа и економистката Гордана Мајнова која завршила магистерски студии по комуникации. М-р Мајнова веќе работела во некогашниот Совет за радиодифузија, по што продолжува во Министерството за здравство каде сега е државен советник. На листата на кандидати се најде уште една вработена во АВМУ,
Меѓу кандидатите кои ги исполнија условите е и аналитичарот, Виктор Грозданов кој е познат и како колумнист. Грозданов кој дипломирал на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и таму ги завршил постдипломските студии, досега организирал низа семинари и трибини од областа на радиодифузијата, телекомуникациите и авторското право. Работел во граѓанскиот сектор, но и во два наврати во Општина Карпош. Грозданов имаше и двегодишен мандат како извршен директор на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми на Македонија. Тој беше управител на ТВ Канал 5 плус и ТВ Канал 5. Грозданов е член на политичката партија ГРОМ, предводена од градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Покрај Грозданов, искуство во граѓанскиот сектор, но и на партиската сцена, има и Нафие Селмани, чија пријава за член на Советот на АВМУ исто така беше прифатена. Работела како новинар во програмата на албански јазик во Македонското радио по што кариерата ја продолжува како советник за односи со јавноста во Град Скопје. Селмани која има дипломирано Албански јазик и литература на Филолошкиот факултет во Скопје, е советничка во Општина Чаир од редовите на Алтернатива, а до 2021 година беше и член на Централното претседателство на оваа партија.
Весникот КОХА пред неколку дена објави дека кандидатурата на Селмани за член на Советот на АВМУ не е во согласност со законот. На тоа алудираше и членката на собраниската Комисија за именувања од Европскиот фронт, Илире Даути која ја напушти седницата тврдејќи дека не сака да биде дел од политизација на Агенцијата за медиуми.
Инаку, Нафие Селмани беше член на Претседателството на Алтернатива до 2021 година, кога поднесе оставка во знак на незадоволство бидејќи Алтернатива како дел од Владата на СДСМ-ДУИ немаше најдено место за жените во извршната власт. Потоа, на локалните избори беше кандидат за општински советник во Чаир, задача која ја извршува и денес – потсетува весникот КОХА.
Меѓу политичките лица на листата за кандидати на членови на Советот на АВМУ, е и Афрона Врзиволи, член на Алијанса на Арбен Таравари. Таа во август годинава беше назначена за Главен ревизор на ИПА фондовите, за што реагираше и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Пет дена по назначувањето, Владата сепак ја разреши Врзиволи од оваа работна позиција. Нејзината кандидатура за влез во АВМУ се коси со Законот кој налага минимум осумгодишно работно искуство со медиумите, што таа не го поседува.
Меѓу останатите кандидати е Сашо Стефановски, дипломиран филмски и телевизиски снимател. Во неговата кандидатура наведува дека има 30-годишно работно искуство во областа на новинарството, електронските комуникации и културата, а од 2008 работи како советник за медиуми во канцеларијата на премиерот.
На листата на кандидати е и актуелниот раководител на Секторот за информатичка поддршка и општи работи при АВМУ, м-р Арбен Саити. За разлика од повеќето кандидати, тој е дипломиран информатичар и магистер по информатички науки.
Останатите кандидати се:
Петар Џуровски, дипломиран филмски и ТВ монтажер кој од 2015-та година наваму е задолжен за односите со јавноста на Македонската навигација за воздухопловство (М-НАВ).
Шабан Далипи со повеќе од триесет години искуство во медиумската сфера. Иако известувал и за воени конфликти и реализирал емисии од политички и економски карактер, Далипи го организирал и фестивалот на убавина „Мис Мјелма“ кој шест години се одржувал во Струга и Поградец.
Давор Башоски – дипломиран правник и м-р по европски студии за интеграција со над дваесет години активно работење во граѓанскиот и медиумскиот секор.
Даут Даути – дипломиран новинар кој во документите за неговата кандидатура истакнува дека е неблагодарно човек да зборува за своите професионални квалитети, но сепак ги наведува бидејќи тоа го бара самиот конкурс. Соработувал со повеќе печатени медиуми и реализирал документарни филмови, а од 2009 до 2017 членувал во Комисијата за верификација на фактите.
Виктор Павловски – дипломиран инженер по производна информатика со искуство во продукција на телевизиски и филмски проекти. Освен во земјава, работел на проекти во Косово, Албанија, Хрватска, Ирска и Бугарија.
Владимир Ѓорѓиески – Магистер по правни науки, кој има лиценца за вештак во областа на заштита на авторското и други сродни права и права од интелектуална сопственост. Ѓорѓиески во моментот раководи со Одделението за заштита на авторските и средните права при АВМУ, со што е еден од кандидатите кои веќе се дел од оваа агенција. Претходно, четири години работел во поранешниот Совет за радиодифузија во Секторот за борба против пиратеријата.
Елена Стојкоска – Магистер по електротехнички науки. Стојкоска работи во АД ЕСМ од март 2017 година и од нејзината биографија може да се заклучи дека нема искуство во сферата на медиумите. Меѓу нејзините достигнувања таа ја наведува изработката на неколку проекти за електротехничка фаза, анализа на заземјувачкиот систем на РЕК Осломеј, пресметки на отпорноста, напон на чекор и така натаму.
Зеријета Хајро Јајага – новинарка која за себе вели дека бори против дискриминацијата. Од оваа година е член на Комисијата за жалби при Советот за етика каде се залага за саморегулација на медиумите. Во нејзината кандидатура пак, со која се залага да стане дел од регулацијата на мдиумтем таа наведува дека има 25 годишно новинарско искуство, во кое се потпишува како автор и коавтор на неколку научни трудови, а работи и како предавач на Факултетот за новинарство во Тетово.
Од новинарската фела доаѓа и следната кандидатка за член на Советот на АВМУ, Цветанка Миновска. Работата како новинар ја започнува во 1998 година, по што станува член на работната група за подготовка и развој на Националната методологија за меѓународно хуманитарно право. Во моментот, Миновска е вработена во државната Медиумско информативна агенција.
Борис Арсов – дипломиран електротехнички инженер и магистер по регулатива во енергетика, електронски комуникации и сообраќај. Арсов е и доктор на науки, за што дипломата ја стекнал на Економскиот факултет при УКИМ. Токму неговиот труд е во областа на медиумите, истражувајќи какво е значењето на изворите на финансирање за подобрување на финансиското работење на електронските медиуми во Македонија. Една година работел во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), по што преминува во Советот за радиодифузија. На почетокот од формирањето на АВМУ бил В.Д. член на Советот на оваа тогаш, нова агенција. Тој бил дел од Советот седум месеци.
Инаку, на јавниот конкурс биле пријавени 31 кандидат, но еден ја повлеко кандидатурата. Шестмина според Комисијата, не ги исполнувале условите во јавиот конкурс бидејќи не го доставиле потребното уверение за државјанство.
Јавната расправа на која сите овие кандидати ќе треба да се претстават пред пратниците е закажана за утре напладне. Нашата редакција минатата недела се обрати до собраниската прес служба со барање да ни бидат доставени нивните биографии откако веќе беа познати нивните имиња, но не добивме информациите за нивниот професионален бекграунд. Овие документи денеска беа објавени на страницата на Собранието.