Професорот од Правниот факултет при УКИМ, Марко Кртолица гостуваше во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77, каде акцентот беше ставен на сето она што се случуваше во САД во текот на изминатиот период во однос на избор на тамошниот претседател.
Зборувајќи за изборниот процес, Кртолица истакна дека поларизацијата и тоа како можеше да се почуствува за време на целата претседателска кампања и внатрешните прашања и внатрешната политика а не надворешната политика на Америка беа клучни за изходот од изборите.
Прашан за она што беше клучно за победата на Трамп против Камала Харис, Кртолица истакна дека најголемата грешка според него беше почнувањето на претседателската трка од страна на Џо Бајден па потоа предавањето на штафетата на Харис, што неминовно доведе до потешко консолидирање во партијата и помеѓу нејзините симпатизери.
-Првичната битна работа е дека тимот на Харис потфрлил. Треба да се видат повеќе различни перспективи од аспект дали можеби беше навистина паметно да се тргне со Бајден па негде на половина од кампања кон крај да се увиде дека не може да се оди со Бајден како претседателски кандидат, па да се земе Харис како замена за него. Дали Харис навистина беше вистинскиот избор, мислам дека демократите изгубија прилично драгоцено време да се консолидираат и да извадат вистински кандидат кој ќе можеше на Трамп да му парира, истакна Кртолица.
Според него социјалните медиуми и интернетот и тоа како станаа многу моќна алатка во изборните кампањи.
-Социјалните медиуми се особено моќна алатка во изборните кампањи имајќи во предвид дека они можат да ве таргетираат. Врз база на она што вие читате и гледате понатаму ве таргетираат дека тоа вие сакате да го видите и континуирано да продолжат со такви информации. Кога на тоа ќе го додадете и моментот дека можат да ве гранатираат со информации кои се фејк њуз, добивате ситуација каде што можеби не сте свесни, а настанува некој вид на перење на мозокот, вели професор Кртолица.
Во однос на прашањето зошто Трамп како кандидат е особено поддржуван и ужива таква популарност меѓу жителите на Балканот, Кртолица е дециден дека најголем удел за тоа има водењето на проконзервативни политики од негова страна.
-Ако погледнеме Доналд Трамп прилично стои на конзервативни политики и во поглед на човекови слободи и права и во поглед на економија, а јас мислам дека Балканот колку и да сакаме сеуште е прилично конзервативно подрачје, каде политики кои се конзервативни полесно врват. Мислам дека конзервативната идеологија за разлика од другите најумешно успеала да се адаптира на промените кои доаѓаат со времето, нагласува Кртолица.
Дел од Стадион денес беа и двајцата магистранти Зорана Антовска и Данило Крстовски кои исто така прокоментираа и ги изнесоа своите ставови околу водењето на претседателската кампања како и пресудните моменти за поразот на Демократите на истите.
Според Антовска клучната точка за поразот на Камала Харис беше токму начинот и реториката на водење на кампањата и немањето конкретни економски стратегии за Америка во наредниот период.
-Лошата комуникациска стратегија е можеби клучна за поразот на Камала. Ваквите стратегии се битни токму поради тоа, преку нив треба политичарите да допрат до граѓаните на начин и за оние работи кои на обичниот народ му се важни. За обичниот народ во моменти кога тие се економски зависни другите останати социјални политики не им се важни. Дали ќе имало полова еднаквост или не тоа не е важно, на обичниот народ му е важна економската состојба. И вие ако не успеете како политичар тоа да го искомуницирате со народот дека на страна од сите други политики што ги имате дека вас ви се нуди и економска стабилност и економски просперитет тогаш вие го губите највачното, смета Антовска.
Прашани за влијанието на социјалните медиуми на претседателската кампања во САД па и на резултатите од истата, двајцата се сложија дека и тоа како имале влијание новите наспроти традиционалните медиуми. Истакнаа и дека најголемата предност на Трамп во текот на водењето на целата кампања можеби и беше токму користењето на современите медиуми, кратки мемиња и било каква реклама, поаѓајќи од фактот дека и лошата реклама е сепак реклама, со што во најголем дел успеал да го привлече младото гласачко тело, што не беше случај со демократите и нивната кандидатка Камала Харис.
Прокоментираа и за влијанието од изборот на Трамп за претседател на САД врз понатамошниот тек на случувањата во земјава. Едногласни се дека промени секако ќе има, порано или покасно.
Целосното издание проследете го на линкот подолу: