Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривични дела – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Со истрагата се опфатени и засега непознати лица кои заедно, на паркинг просторот на слепа улица во Ѓорче Петров, неовластено заради продажба држеле дрога и оружје во паркиран автомобил.
При претрес на возилото биле пронајдени околу 6,3 килограми марихуана, 442 таблети со психотропна супстанца 3,4 метилен диоксиметамфетамин (MDMA), три шприца со вкупен волумен од 14,2 ml хашиш смола и две дигитални ваги и други предмети со траги од тетрахидроканабинол и кокаин.
Во совозачката касета во истото возило неовластено држеле огнено оружје – пиштол „Црвена застава” со калибар 7,65 мм, со рамка со 8 куршуми и еден пригушувач.
За осомничените, на возраст од 36 и 27 години, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје синоќа достави предлог за определување мерка притвор.