Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) секоја година реализира кампања „Користи зимска опрема“. Кампањата започнува на 15 ноември и трае до 15 март следната година, а се реализира со цел потсетување на возачите на законската обврска за задолжително носење и користење на зимска опрема за возилата во овој временски период, и нивно советување за подготовка на возилата за безбедно учество во сообраќајот во зимски услови, информираат од РСБСП.
Зимската опрема за возилата подразбира – за лесни моторни возила зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) или – летни пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 mm (6 mm за возила со погон на сите четири тркала) и носење на синџири за снег во возилото, потоа за тешки моторни возила зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат (лопата).
-Зимските пневматици имаат подлабока шара која овозможува лесно истиснување на водата и снегот и се изготвени од материјал кој е флексибилен и во услови на ниски температури. Обезбедуваат стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото при зимски услови на патот. Зимските пневматици странично имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Комбинацијата, односно истовремената употреба на зимски и летни пневматици е исклучително опасна бидејќи го нарушува управувањето со возилото, особено траекторијата на движење и запирање на возилото, појаснуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).