Стотици граѓани синоќа ги окупираа влезовите на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија , а некои од нив влегоа внатре и се расправаа со директорот Васил Василев и продуцентот на претставата на холивудската ѕвезда Џон Малкович, „Оружје и човекот“ .
Според бугарски Дневник, тие успеале да ги спречат сите што купиле билети за претставата да ја гледаат, но таа и покрај тоа се одиграла ама само пред новинари, актери и режисери. Меѓу најактивните на протестот биле пратениците од „Вазраждане“ и поранешниот европратеник Ангел Џамбазки (ВМРО).
Демонстрантите реагирале дека претставата е антибугарска, како и дека ги исмева бугарските војници и бугарскиот народ, бидејќи ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885).
Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот. Според бугрските медиуми, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Се огласи и Христо Мутафчиев, претседател на Здружението на артисти на Бугарија. Според него, вчерашниот протест го организирале „некои луѓе кои не успеале да дојдат на власт, се обидуваат да владеат со народот на малку поинаков начин и да извлечат дивиденди од целата оваа ситуација, пренесува дневник.бг.
Меѓу демонстрантите бил и охриѓанецот Христијан Пендиков.