Дел од јавните здравствени установи во Скопје и Тетово ќе добијат нови, еколошки системи за греење на природен гас. Кај нив Министерството за здравство ќе алоцира 1,2 милиони евра за да набават резервоари за компримиран природен гас во рамки на меморандумот кој нашите власти го потпишаа со Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги (УНОПС).
Ова е само еден од примерите во кои со поддршка од надвор, Македонија реализира проекти за справување со загадувањето на воздухот. Последиците од него и понатаму се алармантни, правејќи ни ја далечна таканаречената зелена транзиција.
А што планира да направи Владата за македонското општество да „транзитира“ на зелен начин? Каква е улогата на енергетската ефикасност во справувањето со аерозагадувањето? Анализата на ММС на овие прашања покажа дека Македонија сепак недоволно ги користи пристапните фондови за енергетска ефикасност, преку кои и објектите на јавните институции и семејните домови би можеле да добијат нови фасади, прозори и врати кои паралелно со промена на системите на греење ќе нѐ доближат до почист воздух.
ММС праша на кој начин всушност енергетско ефикасните системи може да ја подобрат состојбата со аерозагадувањето и каква поддршка треба да добијат домаќинствата од државата во оваа насока? Одговори побаравме од познавачите, како од граѓанскиот така и од бизнис секторот.
Енергетски ефикасни системи за поотпорна заедница
Жарко Конески од невладината организација Еко-свест вели дека инвестирањето во енергетски ефикасни системи не само што ја зголемува оперативната ефикасност, туку и ја зајакнува отпорноста на заедницата.
Според него, на овој начин се создаваат услови за подобрување на животната средина и општото здравје на граѓаните.
„Системите за загревање во јавните институции имаат важна улога во намалувањето на аерозагадувањето, особено преку интеграција на технологии базирани на обновливи извори на енергија, како што се топлинските пумпи. Овие системи нудат значителни предности во однос на традиционалните котли на нафта и мазут, бидејќи значително ја намалуваат емисијата на CO2 и други загадувачи, со што се подобрува квалитетот на воздухот и се минимизираат негативните ефекти на загадувањето врз јавното здравје“, вели Конески кој раководи со програмата Енергија при Еко-свест.
Тој објаснува и како самите институции преку замена на нивните системи за греење може да го поттикнат одржливиот развој:
„Можноста на инсталирање на системи со топлински пумпи кај јавните институции, каде за нивниот погон ќе се користи електрична енергија добиена од обновливи извори (на пример фотоволтаичната енергија), ќе придонесе за замена на користењето на традиционалните котлите со нафта и мазут, со што се намалува емисијата на штетни гасови. Топлинските пумпи се одликуваат со работен режим на ладење во лето и греење во зима. Предноста на овие топлински пумпи е и дополнителната можност за подготовка на санитарна топла вода наместо електричен бојлер. Инвестицијата во вакви технологии е финансиски исплатлива и придонесува за подобро здравје на граѓаните, создавајќи поквалитетен воздух и намалувајќи ризиците поврзани со аерозагадувањето“, посочува Конески.
А дека промената на системите за греење треба да почне од самите институции, смета и нашиот втор соговорник, Влатко Тоневски од Управниот одбор на Македонското здружение за енергија од обновливи извори МАРЕС. Тој вели дека пред сѐ, училиштата и болниците се тие кои треба да го исфрлат мазутот од употреба, но и да ги променат фасадите.
„Целата таа операција ќе биде прилично скапа, потребно е време и планирање, но овде решението е само гас, како и фасади од стиропор. Моето мислење, а и на експертската јавност со која сме во контакт, е дека мазутот најмногу загадува. Кога институциите како што се училиштата и болниците ќе имаат гас и ќе имаат на кровот соларни централи, тогаш сериозно ќе се намали загадувањето особено во зима. Во лето користат клима, но тогаш нема загадување и магла“, додава Тоневски, управител на фирма во енергетскиот сектор.
Тој проценува дека иако оваа инвестиција е скапа, сепак е неопходна. Затоа вели тој, Министерството за здравство е она кое треба да аплицира со ваков проект за Владата да одобри средства.
„Мора да се почне од Клиничкиот центар, но да има некаков конкурс и таков проект да има предност за замена на мазутот. Кога некој ќе конкурира, ќе го добие проектот и ќе го спроведе, тогаш сите истото ќе го направат. Мора да почнеме од Скопје бидејќи тука се најголемите корисници кои загадуваат. И кога ќе ги покажат сметките за струја и за гас, ќе се види колку чинело лани, а колку сега, тогаш нашиот народ ќе види дека тоа е правиот потег“, потенцира Тоневски во изјава за ММС.
Тој е оптимист дека доколку властите покажат волја за ваков чекор, фирмите би се вклучиле со донации за да може ефектот да се види што побрзо.
„Еден систем секогаш помалку троши. Замислете во болница да нема клими и радијатори туку еден систем или ако има клима да се произведува струја на зелен начин, значи да има сопствен солар систем. Солар систем панели, замислете да има конкурс за да се донираат панели за клинички центар, па сите фирми ќе донираат и ќе се направи. Ефектот ќе се види за шест месеци. Сѐ ќе се направи, ако се сака“, вели Тоневски.
Партиски ветувања, оскудни одговори
Кога станува збор за загревањето на јавните институции, повеќе од 600 вакви објекти користат мазут или цврсти горива, чија промена беше дадена како ветување во предизборието пролетва. Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ во програмата вети изработка на проектна и техничка документација за промена на горивото и најави инвестиција во промена на системите за загревање на јавните објекти.
Како дел од мерките за почист воздух, во партиската програма се најде и програмата за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.
-Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, како и субвенции на граѓаните до 50% од цената за набавка и инсталација на енергетски ефикасна опрема: сончеви колектори, топлински пумпи, како и фотоволтачини елeктрични централи (ФЕЦ) за производство на електрична енергија за сопствени потреби, вети тогаш партијата која веќе е на власт.
Нашата редакција ја праша Владата – до каде е изработката на оваа програма и како ќе се одредува износот на субвенции што домаќинствата ќе го добијат по овој основ? Од секторот за односи со јавноста не добивме конкретен одговор, но оттаму велат дека се работи за тема која бара посеопфатен процес на анализа и затоа мерките на енергетска ефикасност се еден од чекорите кои власта ќе ги преземе на патот кон намалување на употребата на фосилни горива, пред сѐ на јагленот.
Во писмениот одговор до ММС, од Владата наведуваат дека планираат промени на постојната регулатива кои на домаќинствата ќе им донесат подобри услови за продажба на вишокот од произведена електрична енергија.
-Предвидуваме и промени и начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија, велат од Владата.
Мерките на енергетска ефикасност се во надлежност на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, па ја прашавме оваа институција какви активности презема за реализација на проектите кои беа ветени пред парламентарните избори, и кога очекуваат целосно да биде изготвена Програмата за поддршка на домаќинствата, но до моментот на објавување на оваа анализа не добивме одговор.
Иако засега е неизвесно од кога ќе стартува ваквата програма, несомнено е дека субвенциите кои се предвидени, ќе ги поттикнат граѓаните тие да ја интензивираат својата улога во зелената транзиција на македонското општество.
Како енергетски ефикасните фасади, прозорци и врати ги намалуваат загубите на енергија?
Нашиот соговорник од невладиниот сектор, Конески вели дека тоа е една од мерките кои ни се потребни за да го намалиме загадувањето кое доаѓа од фосилните горива и да се ориентираме на извори на енергија кои не загадуваат.
„Соодветните надлежни институции и општините може да понудат субвенции на групи на граѓани за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и потоа истите да се поттикнат да инвестираат во опрема за загревање или ладење на домовите со користење на обновливи извори на енергија“, нагласува Конески.
Всушност, „попластично“ објаснето, енергетски ефикасните фасади, прозори и врати кај приватните куќи и станови ќе ја подобрат термалната изолација и ќе ги намалат загубите на енергија.
„Овие иновации не само што ја зголемуваат удобноста во домот, туку и драстично ја намалуваат потребата за греење и ладење. Како резултат, потрошувачката на енергија опаѓа, а тоа директно влијае на намалување на емисиите на CO2 и аерозагадувањето. Државата може да игра клучна улога во оваа транзиција преку иницијативи за финансиска поддршка, како што се грантови и субвенции, што би ги охрабрило граѓаните да инвестираат во енергетски ефикасни решенија. Ова не само што би резултирало во подобрување на квалитетот на живот, туку и би ја зајакнало свеста за важноста на одржливото живеење и заштита на животната средина“, порачува Конески.
На сличен став е и Тоневски:
„Треба да се вложи во панели и батерии. Тие граѓани мора да бидат привилегирани, кај нас е проблемот што не се. Нема логика некој граѓанин да вложи десет илјади евра во својата куќа, 10.000 евра тој нема да потроши за сметка за струја. Можеби за 20 години. Мора да биде привилегиран во нешто, барем 50:50 да биде. Треба да биде оптимално сето тоа, а не некој да грее базен, да има фарма на диво приклучена и така натаму, значи да биде само за домаќинствата“.
Сепак, додава тој, за да се вклучат граѓаните поактивно во енергетските политики за почист воздух, мора да се промени и нивната свест.
„Самите придонесуваме за да се загадува, мора свеста да се смени. Во Скопје никој веќе не треба да се грее на дрва. Кога ќе немаш оџак во зграда нема опција за греење на дрва. Треба да се оди кон тоа. Треба и мерки кои се непопуларни, каде што ќе се забрани греење на дрва, а да има греење на парно секаде каде што има можност, а каде што нема, само таму да биде греењето со клима. Тогаш според мене ќе има ефект. Само што ни фали и време и иницијатива некој да почне“.
Освен за домаќинствата, тој вели дека вакви субвенции треба да има и за фирмите. За таа цел, државата би можела да ги искористи станските фондови меѓу кои и ИПАРД за кои оценува дека не се знае доволно.
„Според мене, освен за фирми треба да се бараат линии и за домаќинства. Кој ќе стави сам соларни панели особено со батерии треба да добие субвенција. Во Словенија потрошувачката на струја се гледа од аспект на тоа колку трошиш годишно и колку произведуваш. Таму луѓето плаќаат мали сметки за струја, затоа што се минисура на годишно, а не на месечно ниво. Цела година произведуваш и трошиш и на крај ти кажуваат колку пари должиш. Ако произведеш повеќе од тоа што си потрошил, не ти враќаат ништо. Но ако произведеш помалку, а плаќаш повеќе, плаќаш само за делот за кој не си произвел. Таму може да не платиш струја воопшто.Еднаш ќе дадеш пари и толку“, додава Тоневски.
Она што ни недостига сега, се зелените сертификати кои европските компании за производство на енергија од обновливи извори веќе ги добиваат.
„Немаме регулатива за сертификатите, во Европа им ги даваат на фирмите како крајни корисници. Таму тој што произведува зелена енергија добива пари од државата, ама државата не ги дава тие пари од својата каса туку од тие што загадуваат. Од нив зема за да им даде на овие – чиста работа. Ние гледаме од Европа, но никако да дојдеме до тоа“, забележува Тоневски.
Домашните компании кои произведуваат енергија од обновливи извори не добиваат никакви субвенции, вели тој правејќи паралела како е во Европа:
„Во Европа тој што произведува зелена енергија добива, а тој што произведува од јаглен плаќа. И така тоа се компензира. РЕК Битола ќе треба да плаќа за тоа што произведува, а овие што произведуваат од сонце, вода, воздух ќе добиваат пари. И кога дел од тие пари ќе ги земе државата како провизија или надоместок и ќе ги стави во некој фонд, а од него ќе им дава на граѓани и на фирми за пак да инвестираат, тогаш мислам дека ќе се случи нешто добро“, заклучува Тоневски.
Недоволната искористеност на пристапните фондови за енергетска ефикасност ја потврдуваат и од Владата. Оттаму информираат дека во ресорното министерство веќе има посебен сектор за ова.
-Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини формира сектор кој во иднина ќе се занимава исклучиво со аплицирање до достапните фондови и ќе комуницира со сите странски институции и фондови кои нудат средства за енергетска ефикасност, истакнуваат оттаму.
Почна доделувањето на ваучерите за инвертер клими за домаќинствата
Според Тоневски пак, освен субвенциите за фасади, прозори и врати, треба да продолжат и субвенциите за тротинети и велосипеди, бидејќи како што нагласува, секој од овие мали чекори ќе донесе голема промена.
„Сѐ влијае, од секој поединец до крајниот потрошувач. Мора да се вклучи и граѓанското општество поединечно и да се крене свеста“, додава тој.
Во оваа насока, на граѓаните веќе од вчера им се доделуваат ваучери за набавка и вградување на инвертер клима уреди. Предвидени се 6182 ваучери за граѓаните кои ги исполниле критериумите што Министерството за економија ги објави во февруари. Иако ова министерство ја направи евалуацијата, организацијата за доделување на ваучерите ја презеде Министерството за енергетика. Граѓаните беа нетрпеливи за да ги подигнат своите ваучери создавајќи огромни редици и метеж. Дел од оние кои не добија ваучери се пожалија дека доделувањето било со партиски врски.
Министерката за енергетика сепак, ги охрабри сите кои сметаат дека процесот не бил во ред, да реагираат официјално до Министерството.
„Ние воопшто не бевме инволвирани во процесот. Ние само ги добивме имињата на тие што ги добиле ваучерите и имињата на фирмите“ изјави министерката, Сања Божиновска и додаде дека оние кои добиле ваучери, ќе може да ги искористат до крајот на месецов.
Со овој текст, ММС.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.
Вања Мицевска