Емоции, љубов и песна, вака изгледаше вчера вечерта роденденската прослава на Зуица Лазова, која освен што ја прослави јубилејната 50-ка, туку и промовираше пет нови песни, па оттаму и промоцијата ја нарече „5 за 50“.
Она што одамна го планираше, а што е вистинска реткост, е да запее со свекрвата Анастасија, мајка му на Наум Петрески, која пее исклучително убаво и која во една прилика рече:
-Ние дома сите сме музикални, не постои семејна прослава, а да не запееме. Наум ги има наследено гените од татко му и мене, но тој е повеќе микрофонски пејач, рече мама Анастасија.
Но, вчера мама Анастасија покажа дека и тоа како е добар пејач и на микрофон и и се посреќи на 81 година да сними дует со снаата Зуица и тоа песната „Ќе ти купам свилен фустан бре Зуице“. Емоции и солзи радосници и од снаата и свексрвата, но и од сите присутни, кои на крајот им дадоа огромен аплауз.
-Би сакала сите да сте живи и здрави и да ги доживеете моите години. Не само 81, туку и повеќе, рече таа.
Дека снаата и свекрвата многу добро се сложуваат досега многу пати тоа го кажала, а вчера и го покажа Зуица. Таа одамна ја има изгубено својата мајка, па откако се заедно со Наум, признала дека нејзината комуникација со свекрвата е мајчинска и дека за многу нешта и била голема поддршка.
-Мајка ми почина рано, но таа ми е како мајка и се грижи за сите нас. Мама Анастасија, покрај тоа што го чува своето чедо Наум, ме чува и мене. Затоа решив да снимам песни со целото семејство, а секако и со мојата мајче. Ова ѝ беше ветено од лани, за нејзиниот роденден, но тогаш не успеавме да го снимиме, но затоа сега за мојот роденден и се исполни таа желба, рече Зуица.
На овој јубилеен роденден Зуица си исполни уште една желба, а тоа е во дует со ќерка и Македонка да ја испее пената „Симпатија“, која своевремено ја испеаја Даниела Мартиновиќ, „Магазин“ и хрватската оперска пејачка Марија Бубиќ. Македонска, која е крстена по мајка и на Зуица, која е пред дипломирање на Факултетот за музичка уметност, идна оперска пејачка.
И не само во дуетот со Македонка, дека гените успешно си ја завршиле работата покажа и семејното трио Зуица, Наум и синот Стефан, крстен по татко му на Наум, заедно ја отпеаја патриотската „Даме од Македонија“.
За овие 50 години Зуица никако не ја заборави нејзината прва љубов, хармониката, па за крај ја отпе и „Мојата хармоника“. Со „Реканска“ го започна славењето, со пена и го заврши.
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски