Уморот од работните денови поминати на градилиште решил да го замени со работа која ќе донесе и можности за креирање на низа нови спомени. Како и многу други млади, битолчанецот Златко Симовски одлучил да работи надвор од земјава барем привремено, па така аплицирал за работа на брод. Но не ни претпоставувал дека крстарењето ќе го втурне во целосно нов свет.
Свет во кој ќе ја изрази својата креативност преку пишан збор, а сите страници на кои ги опишува патувањата и работата ќе го сумира во реченицата „Дневникот на еден морепловец“. Токму тоа е всушност насловот на книгата која тој неодамна ја промовираше под псевдонимот Теодор Кузман.
Повеќе околу содржината на книгата, работата на брод, но и предизвиците на младите автори дознајте во продолжение од интервјуто со Симовски:
Зошто решивте книгата да ја издадете под псевдонимот Теодор Кузман, која е приказната што се крие зад овој псевдоним?
-‘Дневникот на eден mорепловец’ е моја лична интимна исповед и од таму дојде потребата да користам псевдоним наместо моето вистинско име. Но, светот е мал, а не пак Македонија, па псевдонимот брзо испадна од употреба.
Со оглед дека книгата е напишана за време на вашиот осуммесечен престој на брод, дали може да се каже дека таа е своевиден приказ на тоа како изгледа животот и работата на еден млад човек далеку од копното? Дали станува збор за автобиографска книга?
-Во овој дневник, без задршка ги имам изнесено сите чувства, згоди и незгоди доживеани за време на мојот прв работен договор на брод, па може да се каже дека е вистински приказ за тоа како изгледа животот на море. Читателот ќе наиде на интересни приказни од долните палуби, кршење правила, смешни ситуации, моменти на себеспознавање, забави со неизвесен исход, чудни верувања и прехранбени навики, добри дела…….
Дали ова е прва и единствена книга на која самиот сте автор? Планирате ли да продолжите со пишување и понатаму, дали можеби создавате нешто во моментот?
-Да, оваа е мојата прва и засега единствена издадена книга. Јас би сакал да продолжам со пишување, но тоа ќе зависи од интересот на читателите за ваква содржина.
Што за Вас претставува пишувањето? Дали ви го олесни престојот и работата кога бевте далеку од дома?
-За мене, пишувањето е израз на креативност што секој еден ја поседува на одредено ниво. Мојата решеност целото искуство да го забележам на хартија дојде од стравот дека спомените кога тогаш ќе избледат, но верувам и дека пишувањето на овој дневник го направи мојот престој на бродот многу подобар отколку што тој инаку би бил.
Може ли да ни сумирате во еден одговор – која е убавината, а кои се тешкотиите на животот на море? И зошто се одлучивте на ваков чекор ? Дали поради авантура или повеќе поради економски/финансиски причини?
-Одлуката да аплицирам за работа на брод беше резултат на акумулиран умор и деновите на градилиштата на коишто работев и кои по ништо не се разликуваа од тие пред нив. Бродот беше сосема друга приказна. Освен можноста да ја запознаам и другата страна на сонцето, бродот ми овозможи вистински да се спознаам себеси и високо да ја поместам границата за тоа што е тешко. Други предности на работата на брод беа добрата плата (за наши услови), можноста да се посетат некои од најубавите места на светот, и секако, да се живее и работи со луѓе од преку 70 држави. Брод за крстарење е еден неверојатен микс на култури и обичаи. Што се однесува до тешкотиите на животот на море, би ги спомнал само долгите отсуства од дома.
Обидувајќи се да ја испромовирате својата книга, наидовте на непријатно изненадување во една од локалните книжарници. Исходот беше промоција на книгата во продавница за алкохол, па оттука прашањето е – каква порака би испратиле до издавачките куќи и книжарниците во државава? И во оваа насока, кои се предизвиците за новите автори?
-Неодамна, обидувајќи се да договорам продажба и промоција на мојата книга во локална книжарница во Битола, ми кажаа дека престанале да продаваат македонски автори па немало смисла да прават промоција на книги од истите. Бев свесен дека сум тропнал на погрешна врата и дека повеќето би одговориле позитивно на моето барање, но изненаден од грубиот однос на сопственикот (и од потреба да излезам од матрицата), се одлучив да направам малку поинаква промоција чија главна цел ќе биде подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат македонските автори, и продолжив до соседниот ‘Бутик за алкохол’ чии сопственици беа поотворени за соработка. Македонска надреална ситуација во вистинска смисла на зборот.
Мојата порака до читателите, продавачите на книги и издавачките куќи гласи: Поддржете ги македонските автори. Нивните книги можеби не се напишани на изолирани плажи и во планински куќарки, но произлегуваат од вистината и животот.
Главниот предизвик за новите автори (за не толку новите, исто така), е да станат маркетинг експерти. Издавањето на книга не е крај, туку почеток на патот до читателот.
Со што се занимавате сега откако заврши работата на брод?
-Моментално сум фокусиран на промоција на книгата. Освен тоа, овие денови се занимавам и со луѓе кои, мислејќи дека сум направил ‘совршен’ трик со промоцијата на книгата, бараат да смислам нешто и за нивниот бизнис. Какво игнорирање на моите искрени намери е тоа.
Вања Мицевска