Реакциите за несреќата во Нови Сад не стивнуваат. Во Србија се бара виновникот за несреќата, а Македонија се простува од Васко Саздовски, професор и иноватор, Македонецот кој загина во несреќата.
Вчера вечерта се чини дека причината зошто Македонија го загуби Васко, на својот Фејсбук профил ја објасни негов сограѓанин.
-Е жална Македонијо. Зарем не можеше како квачка под своите крила да ги заштитиш и белите и црните пилиња. Сите се твои. Научници од таков ранг, а патуваат со воз, со градски, и не се срамат. А некои со високи позиции, министри, раководители и што ли не знам и самите не знаат од каде им е дипломата, а имаат лични шофери. Сакам, а не можам да премолчам, од почит кон Васе. Го сретнав и го прашав како е како професор на Електро факултет во Штип.. Ми рече: „Чичо Мите си дадов отказ. Не можам. Ме тераат на некого да му пишам десетка, а тој не знае за шестка. Ова лудило ќе помине и тој инженер ќе направи некој пропуст и тогаш некој паметен ќе праша кој професор го пуштил на испит. Ќе види, Васко. Не, не можам, подобро ќе мизеруавм“, напиша Митко Јованов и додаде:
-Е Васе, лесна ти земја, но некои такви инженери те убија. За жал и ден денес имаме хипер продукција на такви инженери. Васе со сета почит, некогаш, некаде горе, ќе муабетеме пак, до тогаш слава ти и лесна ти земја, напиша Јованов.
Од него се прости и неговиот професор Стојче Десковски.
-Изгубивме добар човек, пријател, другар, научен работник и истражувач во областа на аеронаутичкото инженерство, роботиката и сензорската технологија. Васко заврши Воена академија во Скопје. Беше мој студент, му бев ментор на дипломската работа на тема од областа на ракетната техника. Неговата желба за наука и истражувачка работа продолжи да ја остварува завршувајќи постдипломски магистерски студии на ФЕИТ во Скопје. Тука не застанува желбата за натамошен напредок во науката. Васко своето образование го продолжува на докторските студии на престижниот Кренфилд универзитет (Cranfield University) во Англија во областа на аеронаутичкото инженерство и воената технологија. По успешно завршените докторски студии се враќа во Македонија. Одреден период работи во Центарот за обука на пилоти на аеродромот во Петровец. Потоа аплицира и е примен да работи на проект од областа на аеро-космонаутичкото инженерство на Техничкиот институт во Дрезден во Германија. По завршениот двогодишен договор се враќа во Македонија, вели тој и додава:
-Не успевајќи да продолжи со работа на некоја научно-истражувачка институција во Македонија, продолжува да работи самостојно на примена на роботиката во земјоделството. Последната работа ја добива во Нови Сад во Институтот Биосенс каде се истражуваат и развиваат информатички технологии во земјоделството. Овде Васко беше задоволен и тоа беше местото каде можеше да го реализира и изрази на најдобар можен начин неговиот потенцијал за научно-истражувачка работа во областа на автоматиката, информатиката, роботиката и сензорската технологија применети во земјоделството, но и пошироко и во други области. Несреќата што се случи во Нови Сад трајно го прекина неговиот успешен пат во науката. Васко не успеа своите способности да ги реализира во Македонија. Васко можеби е жртва на состојбите во Македонија каде низ години зборовите наука, истражување и развој не се присутни во етерот. Можеби затоа голем број наши кадри своите способности ги искажуваат во други земји каде што се прифатени и ценети. Васко го загуби животот во една случајна несреќа во друга земја каде што имаше услови да го покаже своето знаење и да се афирмира. Дај Боже да таа земја беше Македонија и животот на Васко да не завршеше така трагично. Во овие моменти најтешко и непреболно им е на сопругата, неговите две деца и на неговите родители. Им изразувам искрено сочувство, напиша професорот.