Седумгодишниот шахист и член на градскиот шаховски клуб Јован Јовановски од Куманово со уште двајца шахисти од Струмица ќе ја претставува земјава на светското младинско првенство што ќе се одржи во Италија од 14 ноември, информираа денеска од клубот.
Јовановски, член на клубот, е ученик во Основното училиште „Христијан Карпош“, а игра шах од петтата година.
– Постојано играм, дома, тука, по натпревари, имам единаесет медали и еден пехар. Вторпат ќе учествувам на светско превенство во шах, овој пат во Италија, изјави Јовановски.
Најмногу уживал во натпреварите во Крива Паланка и на претходното светско првенство. Заедно со тренерот дневно вежба околу три часа. Очекува успех и на светското првенство.
Неговиот тренер Жарко Митковски рече дека секојдневно се подготвуваат за светското првенство. Во клубот има околу триесетина деца од четиригодишна возраст кои преку специјализирани вежби учат да играат. Јован ќе се натпреварува во категорија до осум години.
Потпретседателот на шаховската федерација Агим Шемшиу рече дека федерацијата постојано е активна и учествува на сите натпревари на европско, светско првенство на олимпијадата.
– Самите си заслужија за учество на првенството, очекуваме добро да се презентираме, кажа Шемшиу.
Селекторот Зоран Илиќ информираше дека на светското првенство во Италија ќе се натпреваруваат и шахистите од Струмица Јован Вукашиновиќ и Надица Велкова како и Јован Јовановски во категорија до 12 години поделени во категорија до осум години, десет и 12 години.
– Очекуваме солидни резултати. На помала возраст е важен талентот, а кога ќе пораснат повеќе е важна работата со тренерот, изјави Илиќ.
Во Куманово клубот организира повеќе натпревари за младинци и рапид турнир во чест на „Ноемвриските денови“.