„Животот во воен период е тежок, речиси секоја ноќ ја поминуваме без сон, често можеме да се чувствуваме уморни, исцрпени, но секое утро стануваме и правиме нешто, одиме на училиште, извршуваме тековни работни обврски и се обидуваме да бидеме креативни и да правиме нешто за да ментално останеме здрави“.
„Животот како извидник е мојот најголем сојузник во овие тешки времиња, бидејќи мисијата на извидниците е да подадат рака во секоја неприлика, вонредна состојба или опасност, преку систем на вредности врз основа на извидничиот Завет и Закони“.
Ова го вели Анхелина Тиокхта, комуниколог, извидник и „фандрајзер“ од Украина, во интервју за Канал 77, која говори за улогата во општеството на украинската организација Пласт“, едукациите на идните генерации со нови вештини, но и учеството во градењето на подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.
Анхелина се заблагодари за бројните донации и големата поддршка од Европа и светот, истакнувајќи дека подавањето рака помеѓу земјите дава надеж дека заедно побрзо ќе се надминат актуелните предизвици.
Кажете ни нешто за себе – во која ваша улога ви е најудобно: комуниколог, граѓански активист, „фандрајзер“?
- Мислам дека најдобар начин да се претставам е како комуниколог, бидејќи тоа е мојата прва работа, а во оваа улога се претставувам себеси затоа што работам во медиумска мрежа и поминувам најмногу време на ова поле. Но, се разбира, јас сум и граѓански активист, дел од извидничката оргаизација „Пласт“. Воедно сум активна и на моите лични профили на социјалните мрежи, со единствена цел да собирам финансии и да понудам помош на моите пријатели и за членовите во „Пласт“, кои на некој начин се „жртви“ од војната со Русија.
Да почнеме со едно од најголемите украински младински движења, „Пласт“. Кажате ни нешто за движењето и како тоа функионира во услови на постојани рекетирања.
- „Пласт“ е украинска организација на извидници. Можеби сте гледале некои филмови или сте читале приказни за извидништвото во Соединетите Американски Држави, тој начин на живот е многу сличен со ова движење што го имаме во Украина.
Иако е речиси слично, практикуваме и нешто ново. Општо земено, „Пласт“ едуцира генерација на луѓе кои можат да преземат одговорност за себе, но и да направат нешто добро за својата татковина, за нашата безбедност и да се овозможат некои промени во општеството. Оваа генерација ја нарекуваме способни граѓани и имаме редовни состаноци во текот на неделата, на пример, еден ден во неделата имаме тренер, собираме деца и имаме предавања за суштински животни лекции. Организираме настани и во кампови каде што може да престојувате и да ги усовршувате своите вештини, а кои претходно во текот на годината заедно сме ги училе. Сите луѓе кои ја едуцираат и растат оваа генерација работат како волонтери, не заработуваат пари, ова не е работа мотивирана за бизниси и профити.
Како живеат младите во услови на војна? Имаат ли можност за напредок, за унапредување на знаењата дома и во странство?
- За жал, веќе се навикнавме да живееме во овие опасни услови. Се разбира дека е тешко, речиси секоја ноќ ја поминуваме без сон, често можеме да се чувствуваме уморни, исцрпени, но секое утро стануваме и правиме нешто, одиме на училиште, извршуваме тековни работни обврски и се обидуваме да бидеме креативни и да правиме нешто за да ментално останиме здрави.
Првата година од руска инвазија беше неверојатен шок за нас граѓаните на Украина, не знаевме што да правиме и како да продолжиме да живееме. Но сега гледам дека младите стануваат активни, постојано учествуваат во креирање на проекти, сакаат да посетуваат кампови, учествуваат во тимови и на тој начин ја градат емпатијата еден кон друг, растат со развој на колективна свест за „подобро утре“ на сите.
Опишете ни како живее еден просечен млад човек во Украина во вакви вонредни околности? Дали има можност да добие квалитетно образование, да патува, да излегува, да се забавува?
- Се разбира, многу извидници на пример млади девојки и момчиња се преселија во странство, извидништвото овозможува да имате пријатели и социјализација во различни држави. Тие брзо се запознаваат и создаваат нови пријателства, но и извиднички тимови за нови авантури. Неколку млади девојки и момчиња се преселија во Италија за да ги продолжат своите студии, а воедно создадоа и нова група на извидници, па на тој начин продолжија да ги подобруваат своите вештини. Слушнав дека некои волонтери продолжуваат да ги собираат своите студенти онлајн за да имаат часови, така остануваат во комуникација и координација. Извидништвото има широка визија за отворање на нови кампови и стекнување на нови пријателства, нови врски и тоа е нешто што нема цена. Мисијата на извидници е да придонесат во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничиот Завет и Закони.
„Пласт“ е извидничка организација. Има ли опасност за посета на одредени локации во природа? Опасност од мини?
- Мојата пријателка Ксенија помина низ неверојатно патешествие. Таа ми раскажа за искуство од патување на отворено со нејзина извидничка група. Таа е лидер и има своја извидничка организација со која заминала во шума во близина на Киев со 10 девојки, а таму биле сместени во шатори. Една ноќ, додека девојките спиеле, Ксенија слушнала бучава која доаѓала од небото, а брзо потоа видела воени дронови кои биле навистина во близина на нивниот камп. Нормално дека веднаш почувствувала опасност, но и уште поголема загриженост, бидејќи се исплашила за животот на групата извидници, имајќи предвид дека девојките биле под нејзина одговорност, а било неопходно таа брзо да реагира и да ги заштити. За среќа, мисијата била успешна, благодарение на тоа што извидниците секогаш кога прават кампови однапред размислуваат за потенцијални засолништа, но и за алтернативни планови заради било каква евентаулана опасност.
Бидејќи една од улогите ви е фандрајзер. Каков е вашиот впечаток – има ли солидарност кај граѓаните на другите држави кон Украина?
- Да, во секој миг се чувствува солидарноста, иако понекогаш разбирам дека не секоја земја може да ни излезе во пресрет со укажување на некаква помош. Кога има војна, неопходни се донации за купување на оружје, бидејќи кога имате моќен непријател, мора да се борите до крај и да се снаоѓате на секој можен начин. Ние сме благодарни за сите донации, за сета помош од секоја држава. Морам да напоменам дека извидниците од целиот свет ни помагаат со донирање на облека, храна и лекови, едноставно ја чувствуваме големата поддршка за оваа наша трагедија.
Каква е состојбата со домовите на украинските граѓани – како се снаоѓаат, има ли иницијативи проекти за обнова на домовите по пример на вашиот проект? Се гледа ли крај на војната?
- Работам во медиумска мрежа во која со колегите пишуваме за тажни судбини и оштетени луѓе од воените напади на Русија. Станува збор за региони во Украина во кои граѓаните навистина стардаат од постојано гранатирање, беспилотни летала, па поради тоа често се евакуираат во други градови или држави, каде речиси и да немаат никој, остануваат без својот дом. За ваквата ситуација постои државна програма, наречена „Јевидновленија“, преку која оштетените граѓани може да бараат нови куќи и станови, или пари за реконструкција на своите домови. Дел од финансиите со кои располага оваа програма се обезбедени благодарение на големиот број донатори од странство, кои несебично даваат пари за обнова на украинските села и градови.
Живеењето во неизвесност продолжува и навистина не можам да кажам за крајот на војната. Единствено можам да се заблагодарам на сите кои придонесуваат и даваат несебична поддршка. Украинскиот народ знае дека нашата одговорност е да им помогнеме на нашите војници се до последниот атом на сила!
Виктор Вукановски