Kрик за болката која е изразена кога сме сами, но сепак има надеж и светлината излегува. Вака накратко пејачката Симона Поповска ја опишува пораката која ја испраќа со макфестовската „Без тебе“. Песната со која годинава се претстави на сцената во Штип е како што вели, продолжение на минатогодишната музичка приказна која го носеше името „Бакни ме за крај“.
-Ова е само продолжеток на таа приказна. „Бакни ме за крај“ е фениксот кој нѐ поттикнува и нѐ охрабрува да се одделиме од она што прави да се чувствуваме како да сме на дното. Оваа песна е продолжеток во смисла на тоа дека ја покажувам ситуацијата кога душата се бори со сенките. Буквално е крик за болката која е изразена кога сме сами, но сепак светлината излегува. Затоа денес сум во бело, а во спотот сум во црно, за да кажам дека има надеж, затоа што постои мир и спокој. Тоа секој мора да го помине, но на крај доаѓа убавото – изјави Симона за Канал 77.
Симона, која пред неколку години дипломираше на Медицина, неодамна се врати од Дубаи, па во кусото интервју ги сподели импресиите од службеното патување таму.
„Дубаи беше извонредно искуство, учев од најдобрите хирурзи и дерматолози. Се запознав со сите оние најнови трендови коишто ќе ги применам. Кога станува збор за филерите, најновите продукти се сѐ повеќе на природна база и она што е најважно за пациентите, да не мигрираат затоа што многу се плашат пациентите од таа состојба“, истакна младата докторка, па додаде:
-Најчести прашања од пациентите се „колку ќе ми треба“, „дали ќе изгледам пренападно“, „дали може нешто да ми се случи“, „кој е негативниот ефект“… – откри Симона, која сепак тврди дека организмот нема да претрпи штета, особено ако пациентот се обрати кај стручно лице со диплома за она што го работи.
Според неа, пациентите се впуштаат во еден ваков процес „судејќи“ според цената, но како што вели таа, она што е евтино не може да биде добро.
„Она што е скапо и квалитетно, се знае дека не треба да се сомневате, а докторот кој го бирате да биде слика за тоа што го работи“, додава таа.
За крај на разговорот, Симона ни откри дека во овој момент мажите се дури и многу повеќе заинтересирани од жените за филери, односно и тие ги следат трендовите.
„Кога прашуваат, не прашуваат вештачки туку за да изгледаат подмладени“, посочи Симона.
(А. П)
Фото: Вангел Тануровски