Силно го поддржувам ЕУ концептот за преминување од „одлив на мозоци“ кон „циркулација на мозоци“. Ова значи дека студентите и професионалците кои стекнале знаења и вештини во странство, се охрабруваат да се вратат во нивните матични земји. Интерес на нашата државата е да ги поддржи младите да студираат на престижни странски универзитети, каде што се споделуваат врвни технологии, иновации и најдобри практики. Сепак, нашата крајна цел останува тие да се вратат дома, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на Саемот за студии во Франција.
Според Јаневска, со стекнатите знаења и вештини надвор, младите можат многу да придонесат за технолошкиот напредок и да го поддржат севкупниот раст на нашата економија.
-Уверена сум дека новата Влада со стимулативни мерки ќе ги поттикне завршените студенти во странство да се вратат дома и да учествуваат во градењето на иднината на својата земја – потенцираше министерката.
Според неа, Франција има реноме како една од водечките светски дестинации за високо образование, со универзитети рангирани меѓу најпрестижните во светот.
„Тоа го постигнуваат со иновативните студиски програми кои комбинираат теоретско знаење и практична примена, како и со вклученоста во современи истражувања. Привлечноста ја прават не само можностите за личен и професионален раст на студентите, туку и богатата културна понуда на француските универзитетски центри. Министерството за образование и наука ја поддржува образовната мобилност, и за студирање на реномирани странски високообразовни установи доделува и стипендии“, додаде Јаневска.
Саемот за студии во Франција го организираат Француската амбасада и Францускиот институт. Годинава се одржува 17. издание.
-Атрактивноста на студирањето е една од нашите најголеми акции на делување на надворешен план. За оваа академска година во Франција има 430 000 странски студенти, а целта ни е да привлечеме 500 000 наредната година или половина милион. Во моментов има 160 македонски студенти. Преку овие средби сакаме да ја унапредуваме размената. Навистина е возможно да се студира во Франција, не е комплицирано и не е толку тешко, рече францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.
Амбасадорот го поддржа ставот на министерката Јаневска.
-Студентската атрактивност не треба да значи „одлевање на мозоци“, да ги земаме најдобрите студенти на друго место, зашто нашата цел е сите млади луѓе кои ќе стекнат вистински знаења, да се вратат во земјата од која дошле и да учествуваат во нејзината изградба, како и во европската иднина, нагласи Ле Риголер.
МИА