Добиенините резултати од поморот на риби што се случи на 6 август, што ги сподлели ЗРСК „Шаран“ од Македонска Каменица покажуваат дека рибите се угинати од присуство на многу силен акутен отров – цијаниди. Анализите се работени од Институтот за сточарство и Агенцијата за храна и ветеринарство по налог на Јавното обвинителство
Од риболовното друштво, кое стопанисува со Калиманско Езеро, соопштуваат дека се направени анализи на водата во Каменичка река,Калиманско езеро и примероци од угинатите риби.
Резултатите покажуваат дека рибите се угинати од присуство на многу силен акутен отров – цијаниди, додека во примероците од угинатите риби во самото ткиво откриено е присуство на тешки метали – жива, кадмиум, олово, арсен и цинк.
Во водата на вливот на Каменичка река во езерото Калиманци, според овие резултати, откриено е енормно зголемено присуство на манган (50 пати над дозволеното), кадмиум, суспендирани материи (4 пати над дозволеното), амонијак (53 пати над дозволеното), нитрити ( 8 пати над дозволеното), олово, цинк и бакар.
„Во водата на Каменичка река во горното течение, под тунелот на јаловиштето, и на самиот улив во Калиманско езеро е откриено зголемено присуство на цијанид“, инфомираат од ЗРСК „Шаран“.
Ова за риболовците се алармантни податоци, поради што бараат вклучување на сите надлежни институции. Но, клучното прашање е какви последици овие тешки метали предизвикуваат по здравјето на луѓето.
„Ќе побараме да се вклучат релевантни институции кои ќе извршат мониторинг на водата на Каменичка река и Калиманско езеро со цел да се утврди дали водата претставува опасност врз здравјето на луѓето и животните (чл.32 од Законот за животна средина). Исто така ќе бараме испитување на рибите во реката и езерото се со цел да се утврди дали истите смеат да се консумираат т.е дали се штетни по здравјето на луѓето. Согласно чл.39 од Законот за животна средина ќе бараме податоците од мониторингот да бидат доставени до меѓународни организации и тела согласно меѓународните договори кои ги има ратификувано Македонија. Правдата ќе ја бараме до крај и ако е потребно и пред меѓународните судови“, соопштуваат од „Шаран“.
Поморот на риби уште на 3 август го забележале екипите на ЕВН, кои работат на хидроцентралата. Угинатите риби завршиле во филтрите на хидроцентралата, поради што на двапати се исклучиле централата. Од „Шаран“ нотирале на осум места присуство на 200 до 250 килограми на угината риба, по што е пријавено во полиција, а на терен излегле обвинител и државен еколошки инспектор по чиј налог се земени мостри од рибата и од водата.
Водите од Калиманско езеро завршуваат во реката Брегалница, од каде до пред две години со вода се снабдуваа граѓаните на Штип. Овие води се клучни за производство на храна во источниот регион, каде се наводнуваат илјадници хектари земјоделски површини. Ориз, зеленчук, лозја, пченка, бостан се главните култури кои се наводнуваат преку системот за наводнување.
В.К.