Контрадикторни резултати се објавени во јавноста за исправноста на водата за пиење во Струмица. ЈКПД „Комуналец“, кој управува со водоводот, попладнето сподели 16 одделни анализи на акредитирани лаборатории, кои потврдуваат дека испитаните примероци на вода се здравствено исправен согласно Правилникот за безбедноста на водата.
Во обраќањето до граѓаните на Струмица и населените места кои се водоснабдуваат од водоводот, се вели дека го немаат добиено само резултатот од анализата направена од страна на Институтот за јавно здравје – Скопје. За резултатите дека водата не одговара на Правилникот за безбедност на водата, поради присуство на колиформни бактерии, дознале од медиумите.
„Во исчекување на резултатите од Институтот за јавно здравје – Скопје, продолжуваме со активностите за водоснабдување на граѓаните со питка вода се до моментот кога инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство ни даде решение дека водата официјално е за пиење, соопштуваат од „Комуналец“.
Додека продолжува институционалната преписка околу водата, градоначалникот на Струмица најави дека општината ќе ја напушти Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Најава дека ќе го следи овој потег стигна и од општина Карпош.