Правилниот начин на исхрана претставува темел на здравиот живот, вели м-р Марија Матовска, дипломиран нутриционист и диететичар. ММС разговараше со неа по повод Светскиот ден на храната, 16-ти октомври кој како таков се одбележува од 1979 година. Целта на денот е да се нагласи потребата да се обезбеди здрава исхрана за сите, а токму нејзиното значење за нашиот имунитет го ставаме во фокусот на денешното интервју со Матовска.
Каква е улогата на храната во зачувување на нашето здравје? Како изброт на намирници влијае на нашата благосостојба?
-Верувале или не, за нашата благосостојба многу е важен начинот на исхрана, сите процеси во нашиот организам зависат од храната која ја јадеме. Tреба да размислиме што сѐ ставаме во чинијата и кои состојки треба да бидат присутни или да се избегнуваат, со цел да се има релативно добар метаболизам и да се одржи физиолошката и психолошка рамнотежа.
Многу често при самиот избор на намирници кои треба да се застапени на трпезата, луѓето знаат погрешно да одберат, но затоа тука сме ние нутриционистите за да дадеме насока, совет во кој правец да се движат и при набавката на намирници.
Дали и како храната може да ни помогне кога нашиот имунитет е компромитиран? Многумина велат дека храната е лек, дали вие се согласувате со ова?
-Самиот Хипократ рекол „Нека храната биде лек, а лекот храна!’’ така што правилниот начин на исхрана навистина може да биде сојузник во борбата против многу хронични болести меѓу кои и намален имунитет, дијабетес, атеросклероза, хипертензија, мозочен удар гојазност, различни видови на малигнитет. Таа е наш сојузник во спречување на болести и одржување на рамнотежа во нашето тело и нашиот ум. Храната е една од најмоќните алатки што може да се користат за да се доведе вашата состојба во ремисија.
Во претстојниот есенско-зимски период, за жал луѓето често се повеќе подложни на настинки и вируси, па конзумирањето на соодветни намирници може да помогне. На пример конзумирање на овошје и зеленчук богато со витамин Ц, витамин Д и цинк, како и на намирници богати со антиоксиданси можат да го зајакнат имунитетот.
Како треба да изгледа есенската трпеза? На што највеќе да внимаваат луѓето во текот на оваа сезона и што е она сезонско што сега би требало да го консумираат? Дали покрај храната препорачувате и некои чаеви за зачувување на имунитетот, а со тоа и полесно справување со вирусите и настинките?
-Како и секоја друга трпеза, независно од годишното време, секогаш советувам чинијата да изобилува пред сѐ со свежо овошје и зеленчук. Советувам конзумирање на сезонски намирници кои се воедно и лесно достапни за клиентите. Есента навистина ни дава широк спектар на сезонски намирници, едно шаренило кое изгледа убаво и за очите, а има и неверојатно влијание врз целокупната блогосостојба. Кога консумираме сезонски намирници тие имаат највисоко ниво на хранливи материи, најдобар вкус, достапни се и економични.
Нашето поднебје изобилува со овошје и зеленчук, а препорачливо е да се консумира свежо, самостојно, но и во комбинација како јаболко, круши, калинката, јапонско јаболко, но да не го заборавиме периодов конзумирањети на тиква, која лесно може да се комбинира и во солена варијанта како и во здрави десерти. Секако дека соодветна хидратација е важна и во периодот на настинки и вируси и тука треба да се застапени: свежо подготвени цедени сокови од сезонски намирници и чаеви, меѓу кои е и чајот од ѓумбир со лимон.
За кои здравствени проблеми најчесто ви се обраќаат луѓето? Каде најмногу може да помогнат нутриционистите, при која здравствена состојба?
-Сметам дека сѐ поголема е потребата од професионални насоки и совети од нутриционист како персонализирани планови за исхрана за поддршка на заболување и/или интервенции во животниот стил. Доста често барани се насоки за управување со прекумерна тежина односно зголемување на телесната маса со покачен BMI која често се поклопува со друга дијагноза на пример: со хипотиреоза, или нарушувања на функцијата на тироидната жлезда. Морам да го споменам и тој дел бидејки зачестеноста на пореметувања на тироидната жлезда и начинот на исхрана кај заболените лица беше предмет на истражување во мојот магистерски труд. Исто така често ми се обраќаат и за други проблематики односно персонализиран план за исхрана за поддршка при срцеви заболувања, дијабет, гастроинтестинални нарушувања, проблеми со крвниот притисок, холестерол, алергии, интолеранции, автоимуни заболувања. Со персонализираните планови на исхрана помагаме за подобрување на здравјето, превенција, но и поддршка во лекување на хронични болести.
Начинот на исхрана е единствен важен и одлучувачки фактор за здравјето што е целосно под наша контрола. Самите ние одлучуваме што ќе внесеме во нашата уста, а што не. Жално е да се пропушти толку добра можност – да се влијае на сопственото здравје.
Во кои случаи препорачувате суплементирање? Какви суплементи најчесто им препорачувате на вашите клиенти?
-Суплементација во исхраната е дел од секојдневието на многу луѓе поради различни здравствени нарушувања. Сепак, употребата на додатоци во исхраната може да се смета понекогаш и за ризична, јас сметам дека треба пред било какво конзумирање на суплементи да се консултираат со доктор/нутриционист. Секогаш препорачувам јадење на свежа храна која му овозможува на телото да ја апсорбира цела палета на витамини, минерали и антиоксиданси, кои заедно го зголемуваат имунитетот и подобруваат оштото здравје.
За крај – кажете ни кои се најголеми митови во врска со исхраната?
-За крај да ги разгледаме и митовите. Кога консумираме големи количини течност, особено во текот на оброкот, може да дојде до зголемување на волуменот на желудникот, што предизвикува чувство на ситост, иако всушност не сме внеселе доволно храна. Ова може да доведе до намален внес на хранливи материи. Затоа, еден разумен пристап е да се пие помалку вода за време на оброкот и да се обезбеди адекватна хидратација во останатиот дел од денот пред или после оброкот.
Научните докази покажуваат дека регулирањето на времето на оброците може да има влијание врз хормоналната рамнотежа и успешноста на намалување на тежината. Консумирањето храна навечер може да влијае на хормоните поврзани со апетитот и метаболизмот, што може да го попречи процесот на намалување на тежината. Вечерните оброци може да ја зголемат инсулинската резистенција, што влијае на способноста на телото да ја регулира гликозата и да складира маснотии. Лептин и грелин се хормони кои го регулираат апетитот. Јадењето пред спиење може да ги наруши нивните нивоа, што може да го зголеми гладот следниот ден. А што се однесува до времето на консумација на овошјето зависи од вашите цели и дневен распоред.
За крај би завршила со тоа дека мали промени во навиките во исхраната може да донесат значителни придобивки за целокупната благосостојба!
Вања Мицевска