Со изведба на моќната и возбудлива сценска кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф утре вечер Националната опера и балет ќе ја отвори новата сезона. Билетите се веќе распродадени.
На прес-конференцијата по повод отворањето на новата сезона за богатата програма што ќе следува на репертоарот на Операта и Балетот зборуваа Оливер Арсовски, в.д. директор на НУ Национална опера и балет, кој се задржа на состојбата во која се наоѓа објектот, а Христо Саракинов, уметничкиот раководител на Операта и Кире Павлов, уметничкиот раководител на Балетот за оперските и танцовите изведби кои ќе следат во периодот до крајот на годинава
Арсовски информираше дека објектот на НОБ на преземањето на функцијата го затeкнал во лоша состојба со протекување на покривот во делови од објектот и нагласи дека два-три месеца работат на санирање на состојбите со цел објектот да заличи на куќа на операта. Обновени се тоалетите, а во претстојните две – три недели најави дека ќе се работи на обнова на влезот на објектот.
Уметнички раководител на Операта Саракинов, изрази задоволство што сезоната ја почнуваат со распродадени билети за првата опера. Позитивната атмосфера помеѓу ансамблите – оркестарот, хорот, солистите, балетот, ветува одлична сезона, вели тој, и најави многу работа со цел публиката и посетителите да уживаат на секоја претстава.
-Многу мотивирачки за нас е кога една претстава ќе биде распродадена за рекордно време. Започнуваме утре со сценската кантата од Карл Орф „Кармина бурана“ во изведба на комплетниот ансамбл на Операта и Балетот. Се надеваме и сме убедени дека овој тренд на интерес кај публиката ќе ја краси цела оваа сезона, операта има што да понуди во текот на целата сезона. За стоте години на најголемиот оперски композитор Џакомо Пучини следниот месец ноември одвоивме четири негови капитални дела – Боеми, Мадам Батерфлај, Тоска и Турандот. Претставите ќе бидат изведени од страна висококвалитетниот ансамбл на Македонската ОБ збогатени со врни диригенти и оперски солисти – вели Саракинов.
Оперите на Пучини ќе бидат изведени на 8, 16, 23 и 29 ноември, а во претставите ќе гостуваат врвни светски солисти и диригенти од Италија, Грција, Кина и Јужна Кореа. Концертот „Жените на Пучини“ ќе се одржи во фоајето на МОБ. На 11 декември ќе биде изведена претставата „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети со нашите оперски првенци Ана Дурловски, Ѓорѓи Цуцковски и Марјан Јовановски под диригентство на гостинот од Италија Дарио Салви.
Уметничкиот раководител на Балетот, Кире Павлов, вели дека по доаѓањето наследил еден многу очаен репортар и напорно работи за тој да се обнови, бидејќи вели наместо за балетски остварувања поранешното раководство енергијата ја вложувало во издавање на просторот. Најави 19 претстави до крајот на годината, и тоа од репертоарот за деца меѓу кои две изведби на Петар Пан и четири на балетот Оревокршачка. По изведбата на Кармина Бурана за отворањето на сезоната најави уште две претстави од железниот репертоар Дамата со камелии – во првата со настап на наши уметници од МОБ, а во втората ќе гостува балетскиот уметник од Украина Валериј Љубенко кој ќе настапи со една наша балерина.
-Освен што наследив очаен репертоар, сега сум во ситуација и да создадам наши уметници. За жал нашите првeнци после 15 години се во друга форма, годините го прават своето. Имаме неколку балерини кои што верувам ќе ги наследат нашите Марија Кичевска, Мирјана Поп Алексова, Александра Мијалкова, кои ќе бидат промовирани. Во периодот кој следи во декември ќе следат два „Дон Кихота“, така што репертоарот е зголемен за три пати повеќе. Во 2023 Балетот имал 23 претстави, а сега до крајот на 2025 ќе имаме 56 претстави, до крајот на годината ќе имамем и три гостувања, две во Битола со Кармина бурана и Дамата во камелија и едно во Гевгелија со неокласичен балет од Саша Ефтимова како премиерна изведба, изјави Павлов кој најави и заживување на малата сцена со реактивирање на сите домашни кореографи .
На новинарско прашање, в.д. директорот Арсовски истакна дека репертоарот за првите шест месеци по нова година ќе биде однапред целосно подготвен и познат, без импровизации. Се надева дека за една година ќе може да се објавува репертоарот на куќата од јануари до јануари, а не како досега од септември до јуни. Со ова, како што рече програмскиот дел ќе го следи фискалниот буџет како им се одобруваат средствата
Тој најави можност за издавање месечни билети за љубителите на операта, по прват во ноември за четирите дела на Пучини, за ова да се воспостави и како редовна можност, со намера по консолдирање на репертоарот да се воведат и сезонски билети.
-Кампањското водење на програмата на куќата каде приоритет било да се издаде салата и ако има негде место да се постави претстава, тоа веќе го прекинавме, мраме да издржиме уште некое време до нова година. Но издавањето на салата ќе биде после откога ние ќе го направиме репертоарот и потоа каде ќе има слободно место ние можеме да ја издаваме салата, бидејќи ние не сме овде универзална сала, сала за издавање, туку национална репертоарска куќа каде што мора да постои репертоар и на операта и на балетот, вели Арсовски.
Прашан во однос на спонзорствата, од пријателите на операта, Арсовски вели дека спонзорствата помагаат, но поради големината на куќата, 90-95 проценти од финансирањето оди преку државниот буџет, а тоа е правило и за сите оперски куќи во Европа, освен американските.
„Јас се надевам дека ние ќе направиме пресвртница во тој систем на работа. Досега многу пари се вложуваат во спортот, културата е некаде на маргините но ние сакаме барем ако ништо друго, да се изедначиме во тој поглед а тоа значи, големи пари да влезат во културата. Компаниите во Македонија се уште не препознаваат дека вложувањето во културата е во исто време и вложување во нивниот имиџ, но за тие да го препознаат тоа мора ние квалитативно да се подигнеме на уште повисоко ниво“, вели директорот Арсовски и најави дека веќе преговарам за обезбедување генерален спонзор, што досега го немале во НОБ.