Пред почетокот на првата фестивалска вечер на овогодинешниот Скопје џез фестивал, во четврток, на 17 октомври, џез саксофонист и едукатор Кирил Кузманов ќе ја добие наградата за најдобар млад музичар.
Кузманов е член на Националниот џез оркестар и вонреден професор по саксофон и џез ансамбл на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
По дипломирањето и магистрирањесо највисоки оценки на престижниот Универзитет за музика и изведувачки уметности во Грац, се враќа во Македонија, каде што е еден од најактивните актери на џез-сцената. Член е, а воедно и еден од основачите, на биг-бендот на Здружението на џез музичари и слободни уметници, денес познат како Национален џез оркестар. Учествува во снимањето на бројни албумски изданија на реномирани домашни и интернационални ансамбли.
Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпознатите џез клубови и концертни сали и подиуми во Европа, како Melkweg (Амстердам), Porgy & Bess (Виена), Fabrik (Хамбург), JazzKeller (Франкфурт), Moods (Цирих), Kino Šiška (Љубљана), Stadtgarten (Келн), Domicil (Дортмунд), Wienerkonzerthaus (Виена), Ampere (Минхен), StadtHalle (Грац), B-flat (Берлин), Global (Копенхаген) и други.