ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје денеска преку соопштение апелираше до потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација, а заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).
– Согласно податоците во Центарот за грижа на потрошувачи, во моментов има 170 затворени објекти, од кои 27 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 43 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 100 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација на објектот, наведуваат во соопштението.
Потенцираат дека соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни со цел да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.