Во зградата на Специјалниот суд во Белград денес продолжи судењето на Миљана и Владимир Кецмановиќ, родителите на тинејџерот кој во Основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет ученици и еден член на обезбедувањето.
Тинејџерот Коста кој го изврши масакрот денес сведочеше во постапката која се води против неговите родители. Со оглед на тоа дека тој имаше 13 години во моментот на извршување на масакрот, нема да сноси кривична одговорност за своето дело.
Тој беше донесен на суд денеска претпладне околу 9 часот со засилено присуство на полицијата. Одговараше на прашања на судијата, обвинителот, адвокатот и на оштетените.
„Се чувствував отфрлено од другите деца и затоа ги убив. Тој 3 мај донесов пиштол за да го направам тоа, но сепак не бев сигурен дека ќе пукам“, изјави Коста К – пренесува српски Телеграф.
„Мајка ми постојано бараше од мене да бидам најдобар. Се лутеше и ми викаше кога не бев најдобар. Поради тоа таа постојано бараше повеќе од мене, но и јас ѝ се лутев нејзе. Таквото нејзино однесување влијаеше на тоа да го направам она што го направив. Да не ги имав пиштолите на татко ми, немаше ова да го направам“, изјави Коста пред судот – пренесува Блиц.
Адвокатите кои го напуштија Специјалниот суд потврдија дека денеска сведочеше малолетникот, но не навлегоа во деталите од неговото сведочење.
„Не го дознавме мотивот од прашањата што му беа поставени денеска, но верувам дека неговото денешно сведочење упатува во насока дека тоа ќе биде откриено. Неговото сослушување не е завршено и ќе продолжи на 17 октомври“, изјави Огњен Божовиќ, претставник на семејствата на убиените, додавајќи дека ова било едно од најтешките судења на кои присуствувал.
Владимир Кецмановиќ се товари за тешко кривично дело против општата безбедност бидејќи, како што се наведува, го однел својот тогаш 13-годишен син на стрелиште и го научил да пука, а не го чувал соодветно и оружјето што го имал дома. Тој е во притвор од 3 мај кога беше приведен.
Мајката на детето пак, Миљана Кецмановиќ е обвинета за недозволено држење, носење и тргување со оружје.
Коста К. на 3 мај 2023 година ги уби Бојана Асовиќ (11), Ана Божовиќ (11), Катарина Мартиновиќ (12), Мара Анѓелковиќ (13), Ема Кобиљски (13), Софија Негиќ (13), Андрија Чикиќ (14). ), Адријана Дукиќ (14), Ангелина Аќимовиќ (14) и Драган Влаховиќ (53), а ранети се шест лица.
Извор: index.hr