Младата Украинка Људмила заедно со нејзината мајка Вира, веќе две години живее во Струмица. Двете ја напуштиле Украина во првите денови по воената агресија, кратко пред Русите да го урнат главниот мост во Киев, со што се оневозможи илјадници луѓе да заминат под огнот од бомби. Напуштајќи го домот, додека ги слушале сирените за напад, за два дена пропатувале 1600 километри. Преку Србија дошле во Македонија, од таму во Грција, па се вратиле назад и застанале во Струмица, каде се од април 2022 година. Струмица, градот кој Вира го знаела по партнерите од компанијата која увезува зелка, станал привремен дом и место каде Људмила си ги најде новите другари и новото училиште.
Људмила дошла меѓу петтоодделенците во одделението на Софче Калајџиеава во ООУ „Сандо Масев“ во април и веќе до јуни го научила македонскиот јазик. Сега зборува одлично македонски на струмички дијалект, редовно оди на настава во Струмица, но паралелно посетува и украинско училиште. До пред некој месец, наставата во украинското училиште се одвиваше онлајн, но откако било изградено подземно училиште, Људмила ја совладува наставната програма, по што со класен испит го продолжува образованието во нејзиното матично училиште. Сака еден ден – што поскоро, да се врати дома и да продолжи таму каде застанала пред војната.
Кога дошла во Струмица, единственото стравување ѝ бил јазикот, но како што се покажа, ѝ требале само две три недели да го научи.
-Кога дојдов малку би беше страв само поради тоа што не го знам јазикот. Тука училиштето е полесно отколку во Украина. Двапати е потешко да се учи во Украина и една година напред е наставата. Имам многу другари од класот, со сите се дружам, а имам и другари од хип хоп, вели Људмила на чист струмичко – македонски.
На прашањето каде е подобро, во Укриана или во Македонија, Људмила одговори:
-Во Украина е сепак, подобро, бидејќи имам свои другари, моја класна која многу ја сакам и некако послободна сум во Украина, дома сум. Од друга страна, Струмица е малечок град, ги знаеш сите, те знаат сите, може секаде да излезеш и да не се плашиш. Кога ќе си одам, многу ќе ми недостасуваат моите другари (од Струмица). Тука имам две најдобри другарки и еден другар, вели Људмила.
Аудио снимка: Људмила Логацка
Како дете кое доаѓа од друга земја и тоа од земја со воени дејствија сосема на крај од петто одделение, било грижа на училишетото и нејзината прва наставничка, Софче Калајџиева. Наставничката која има над 30 годишно искуство во образовниот процес раскажува дека за прв пат се сретнала со такво дете како Људмила.
-Сфатив дека ова дете е подарок како за мене, така и за моето одделение. Људмила се вклопи веднаш во средината во која започна и продолжи да ја следи наставата. Впечаток е што не само таа што се вклопи во средината, тука и сите мои ученици ја примија со раширени раце, ѝ пружија љубов, другарство и почитување. Другарството настапи од почеток и продолжи се’ до завршувањето. Људмила покажа интерес кон учењето, кон нашите наставни програми, ни раскажа Софче Калајџиеава.
Људмила посетува настава тука и во Украина
Во тоа време, Људмила посетувала онлајн настава во Украина во прва смена, а во втора смена физичка настава во Струмица.
-Задачите по математика се повторуваа, знаеше да кажеше дека утрото – ние сме на настава втора смена, наутро на нејзините онлајн часови ги учеле истите задачи.Бев изненадена за предметот општество, како имаше предзнаења. Се гледаше дека има предзнаење за нашата земја, ги знаеше природните богатства, градовите, езерата… Не било дел од нивната наставна програма, но знаејќи дека ќе доаѓаат во Македонија, се потрудила да научи, вели Калајџиева.
За подобро да се добие слика за Људмила, треба да се знае дека девојчето стигнува да посетува часови по неколку предемети, да вежба на виолината со која другарува осма година, тренира тенис, а игра хип хоп во танчерска група во Струмица, со која оди на натпревари.
Калајџиева вели дека не е само до детето, туку овој начин на работа е и до образвониот систем во Украина.
Веќе со совладан македонски јазик, Људмила влегува во нов клас во шестто оделение. Класната раководителка Јелена Василева, објаснува дека веќе од првиот ден таа самата се одвоила. „Се гледаше дека потекнува од некоја од друга средина“, вели Василева.
-Се покажа како исклучително дружељубива и комуникативна. Веднаш воспостави контакт со останатите ученици. Од 30 ученици на сите им беше нова средина. Таа се вклопи веднаш од првиот ден. Многу е темелна во учењето, принципиелна и одговорна. Исклучително добро го совладува материјалот. Многу е талентирана за цртање и сликање, ја интересира музиката. Настапува на натпревари, вели Василева.
Талентирано дете
Како талентирано дете, на мајката на Људмила, Вира, ѝ биле предочени можностите за напредување.
-Јас сум благодарна на родителот на Људмила, која секогаш во комуникација со училиштето, со претпоставените на нејзината ќерка е во добра комуникација. Известени за се за нејзините очекувања и пред некој ден разговаравме за нејзините капацитетни можности. Таа има совладано содржини од горните одделенија и понудивме дека има можности, но нашиот образовен систем вели за да напредува детето, треба да ги совлаа сите наставни предмети од седмо одделение, за да тоа го покаже, треба да полага испити, објаснува директорката Драгица Спасова.
Убаво е во Струмица, но дома си е дома
Људмила и нејзината мајка се надеваат на добри вести од Украина и прекин на воените дејствија и набргу да се вратат дома. Вира разгледува и некои друг алтернативи, како преселба во некоја од земјите на Европската унија. Благодарна е на се’ што добива од луѓето од Македонија што ја опкружуваат, соседите, пријателите, наставниците на Људмила… Но, како што вели, проблем е несовладливата администрација.
Имено, Украинците во Македонија, иако се прифатени, не можат да користат здравствена заштита. Вира платила приватно здравствено осигурување, ама често има проблеми поради несинхронизираните системи. Поради тоа се случува кога ќе отиде во банка да не ѝ ги прифатат уплатите, некогаш не ѝ ги прифаќаат документите, како што вели постојано нешто бараат, па ѝ се случува залудно да патува на релација Струмица – Скопје, а сето тоа значи дополнителни трошоци.
-Имаме документ за престој од хуманитарна причина, со кој ние тука можеме да живееме една година ама со таа лична карта ние не можеме да направиме медицинско (здравствено) осигурување. Ама можеме да платиме преку банка. Добивме лична карта со статус на привремена заштита, и јас направив медицинско осигурување. Приватно кога сакам можам да го користам, ама сега ми кажуваат во банката „Вие не можете да го уплатите осигурувањето со таа лична карта“. Има таква комуникација во различни институции. Во една институција велат „со таа лична карта вие имате повеќе можности“, а кога ќе отидеме во банка велат „вие не можете ништо да користите со таа лична карта“. Сега, имам осигурување, ама не можам да платам. Не можам да користам, ама парите ги собираат секој месец“, ги обаснува Вира Логацка аспурдите на нашиот систем.
Единственото нешто што украинските бегалци го користат бесплатно е образованието, ништо друго. Вира вели дека не сака да рече дека државата треба да даде бесплатно живеалиште или други погодности, но здравственото осигурување што го плаќа самата сака да го користи. Поради тоа, последните месеци интензивно размислува со Људмила да се преселат во некоја друга држава.
Вира ги дели истите маки како и ние – административните
На прашањето што им треба за нормален живот, одговорот на Вира не се разликува многу од одговорот на просечен македонски граѓанин – да биде разбрана од институциите, кои нормално ќе комуницираат меѓу себе.
-Минимално некоја комуникација, за да може да комуницираме. Ако имам здравствено осигурување да дојдам во банка слободно да го платам и да го користам. И секој ден ми велат – таму не, таму не, таму не. Јас одам во Скопје од Струмица, трошам пари. Давам барање за медицинско осигурување, и морам да одам пак. Ми велат дојдете утре да ја земете потврдата. Ја земам ќерка ми, губи од училиште, секој пат барам ослободување. И во Скопје ми велат – зошто доаѓате во Скопје, кога можете да завршите работа во Струмица. И така, ни се случуваат такви работи, вели Вира.
За разлика од тука, вели дека од овде, од мобилниот телефон во еден ден во Украина може да ја смени возачката дозвола, што ќе ја добие по пошта. Вера има уште многу слични случки, кои се слика на нашиот административен лавиринт.
Вира и Људмила имаат пошироко семејство и пријатели во Украина. Мајката на Вира повремено доаѓа во Струмица, но и се враќа назад. Семејството на Вира живее во западниот дел од Украина, каде е малку помирно, ама и таму во последно време се бомбардира. Во стан на другарка на Вира паднала бомба, за среќа, без човечки жртви.
Додека сонува за денот кога ќе престане војната и да се врати дома, Вира не е оптимист дека така брзо ќе се среди ситуацијата во Украина.
-Работам за украинска компанија, но гледам, многу е променато. Многу луѓе си заминаа од Украина, многу пари се истрошија, не можат луѓето толку да функционираат како порано. Кога ќе заврши многу време ќе треба – не 10, не 20.. многу години ќе треба додека да профункционира земјата, е ставот на Логацка.
Весна Коловска
Фото/видео: Кире Андонов
Фото: приватна архива
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program