Уште од дете тренирал карате, но знаел дека терените ќе ги освојува и преку други спортови. Нескротливиот дух на Милан Димитровски (28) од Штип е главниот порив благодарение на кој, ги реди спортските успеси. Тој веќе се подготвува за нови, иако неодамна се врати од Италија каде учествуваше на светски познатиот триатлон Ironman во италијанската провинција Емилија-Ромања.
„Стануваше збор за настанот Ironman 70.3. Тоа е бренд на дисциплината на триатлон кој подразбира дистанца од пливање од 1.9 километри, возење велосипед 90 километри и потоа трчање полумаратон односно 21.1 километар“, сподели Милан за ММС.мк.
На натпреварот учествувале 2440 натпреварувачи. Димитровски вели нема некои посебни квалификации, но мора да си прилично спремен за да успееш да го завршиш целиот предизвик во временска рамка од осум часа:
„Па се пласирав релативно добро. Во различни дисциплини различно се пласиравме поради тоа што секој си има некоја подобра страна каде што е поспремен и тоа е индивидуално за секој учесник. На пливањето бев најдобро пласиран со 886 место од вкупно 2400. Сега треба да поработам на другите два дела од натпреварот“.
Сумирајќи ги впечатоците од натпреварот во Италија, Милан вели дека прво една недела таму бил сам за да може да ги помине сите регистрации и подготовки, но според него, успесите не се возможни без поддршката од најблиските.
„Потоа, еден ден пред натпреварот дојдоа мајка ми, двете сестри и девојка ми кои ми беа огромна поддршка на денот на настанот. Значи можам уверено да кажам дека без нивното присуство немаше да го завршам настанот. Тоа е едно страшно мотивирачко да речам, присуство, кое не ти дава да ги изневериш тие кои се блиску до тебе или на пример, да не го завршиш натпреварот“, додава тој.
Љубовта кон спортот, трпеливоста и решителноста му го трасирале патот до разни спортски подвизи. Па така, почнувајќи со карате тренинзи, Милан обезбедил учество на Балканското првенство во Дубровник.
„Потоа имавме интересен подвиг во факултетските денови со една група односно со уште тројца колеги од факултет бевме со велосипеди од Лондон до Прага во рок од 10 дена со кампинг, со шатори. Тоа беше интересен подвиг. Неколку други полумаратони имам истрчано, планински полумаратони“, истакнува Милан.
А иако сака адреналин, пливањето е секогаш тука како опција за релаксација. Нашиот соговорник ги поврзува своите почетоци во овој спорт со периодот на живеење во Америка:
„Кога станува збор за паралела, во американските средни училишта пример, е стандардно да се има еден затворен базен, но тие располагаат со многу поголеми буџети и организација. Се надевам дека во иднина ќе дојде и кај нас. Ние во овој момент во Штип немаме затворен базен, но се надевам дека во некоја скора иднина тој проект би се остварил. Има голем број на штипјани кои би можеле да го користат и да уживаат во тоа. Моментално најблиску расположлив базен е тој во Куманово, кој е на четириесетина минути од тука и не е преголема дистанца за тренинг два пати неделно“.
Сериозната посветеност кон она што се сака, несомнено бара жртва. Како што додава нашиот соговорник, сето ова бара рано легнување и станување околу шест часот наутро, но без дисциплинираност и текот на работите би бил поинаков.
За неодамнешниот спортски настан во Италија пак, Милан оценува му дал огромна мотиваација за да се подобри индивидуално во сите три спорта. А нашата редакција, му посакува уште многу успеси за кои би ја информирале јавноста.
Вања Мицевска