Невладината организација „Здрава котлина“ во петок , 11.10.2024), со почеток во 11 часот организира протест пред зградата на општина Ново Село .
-Со ова почнуваме серија на протести и блокади до конечно запирање на лудиот проект за леарница во општина Ново Село! Нема да дозволиме Леарница на алуминиум да оперира до реката и изворите за вода на Ново Село. Нема да дозволиме нашите деца да дишат воздух со емисии на отпади од Леарницата. Нема да дозволиме повторување на велешката топилничка хорор приказна. Нема да дозволиме корумпирани, како градоначалникот, да не погребуваат. Ни рудници, ни тополници немаат место во струмичката котлина, информираат од „Здрава котлина“ и бараат:
1. Запирање на градбата на објектот
2. Целосна ревизија на проектот со јавно достапни документи
3. Поништување на фалсификуваната градежна дозвола за објектот и решението од министерството за животна средина
Според „Здрава котлина“ во Ново Село забрзано се гради објект, Леарница за лиење на одливци од алуминиум и уште еден објект со посебна градежна дозвола каде ќе се носи алуминиумски отпадоци од секаде, ќе се дробат и компресираат. Нема никакви јавни документи и се е скриено и маскирано за тоа што ќе се прави, затоа што е спротивно на законот, кој јасно кажува како е правилно! Леењето на легури од алуминиум е обоена металургија со законска класификација Г1.3 и која како тешка и загадувачка индустрија не може да се гради на помалку од 5 км од населено место или заштитено подрачје. Дробењето и компресирањето на алуминиум спаѓа во Г2 и тоа е замајувањето што треба да служи како “димна завеса” за да помине и посебниот објект каде ќе се загрева и лее алуминиумот.
-Градоначалникот на Ново Село реши да го прекрши законот и иако предупреден од стручни лица, сепак самоволно и незаконски го прогласи објектот каде ќе се загрева и лее алуминиумот за Г2 односно лесна и незагадувачка индустрија, иако во целата класификација на Г2 не постои таков опис! Градоначалникот ги крие документите, а на прашања не одговара, не реагира зошто нема истакнато градежна табла, но затоа праќа кривични пријави за секој што јавно прашува или коментира по социјални мрежи и во исто време ги малтретира граѓаните на Ново Село. Згора на се, татко му Ацо се заканува како да се вратило феудално време, на сите кои се бунат. Изградбата на Леарницата за која е издадена градежната дозвола, ја изведува татко му на градоначалникот и тука во прашање е конфликт на интереси но и трговија со влијание, особено поради постоење на финансиски трансакции пред издавање. Во секој случај, за сите кривични прекршувања на законот ќе се достават соодветни пријави со докази, но истовремено наше е да ја запреме изградбата на Леарницата и тоа по секоја цена, информираат од „Здрава котлина“