Голем дел од граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот секојдневен живот, но сложеноста на дипломатските преговори, меѓународните договори и стратешките сојузи обично се надвор од секојдневните искуства и грижите на обичните граѓани. Сето ова им отежнува целосно да ги сфатат или да се чувствуваат поврзани со овие прашања – покажуваат резултатите од четвртата Дебатна анкета спроведена од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.
Истражувањето беше спроведено согласно методот на дебатна анкета (deliberative poll) во соработка со Лабораторијата за делиберативна демократија (Deliberative Democracy Lab) од Универзитетот „Стенфорд“ од САД. Првичната анкета беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник од целата држава, додека дебатниот настан се одржа во Скопје со 135 испитаници. Избраните 135 граѓани учествуваа на дводневен настан, каде што се информираа на темите, дискутираа помеѓу себе и поставуваа прашања на панел-дискусии составени од експерти, по што повторно ја пополнија истата анкета.
Првично, малку повеќе од половина од испитаниците (51,1%) верувале дека надворешната политика на земјата влијаела на нивниот секојдневен живот. Сепак, по дебатата, имаше забележлива промена во перцепцијата – информираат од ЕПИ.
На скала од 1 до 10, оценката за влијанието на надворешната политика врз секојдневниот живот порасна од 5,78 просечна оценка пред дебатниот настан на 7,04 потоа, што укажува дека дебатата значително ја подигна свеста за влијанието на надворешната политика врз секојдневниот живот. Ова сугерира дека, иако граѓаните можеби не ги препознаваат секогаш непосредните ефекти на надворешната политика, информираните дискусии можат да го подобрат нивното разбирање за нејзината важност за нивните секојдневни искуства – велат од ЕПИ.
Значителни промени во двете анкети се забележуваат за прашањата поврзани со познавањето на процесите на надворешната политика, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика и односите на Република Северна Македонија со НАТО.
На прашањето за конкретни пресвртници во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, на пример кога земјата доби статус на кандидат и кога почна скрининг-процесот за пристапување во ЕУ, значителен број учесници правилно ги идентификуваа овие настани. Дебатата имаше позитивен ефект врз зајакнувањето на знаењето за овие пресвртници, со благо зголемување на точните одговори потоа.
Граѓаните со висока поддршка за членството во ЕУ и НАТО
Сличен беше ефектот и за познавањето за односите на земјава со НАТО. Првично, граѓаните не беа сигурни околу годината кога Република Северна Македонија официјално влезе во НАТО, при што значителен дел испитаници не можеа да го идентификуваат точниот одговор. Сепак, по дебатата, знаењето значително се подобри, при што 85,9% правилно ја идентификуваа 2020 година како година на пристапување.
Дебатата, исто така, придонесе за подобрување на знаењето за сегашното членство на НАТО, при што 85,9% од испитаниците правилно го идентификувале бројот на земји-членки по дебатата, во споредба со 79,6% претходно. Ова сугерира дека дебатата била ефикасна во подобрувањето на јавното знаење за Алијансата.
Анкетата уште еднаш ја потврди високата поддршка на граѓаните за членството во ЕУ и НАТО на граѓаните. 58,4 отсто од граѓаните во анкетата изјавија дека целосно ги поддржуваат интеграциите на земјата во ЕУ, со дополнителни 18,4 отсто кои рекле дека главно го поддржуваат членството во Унијата. Од друга страна, 11,6 отсто до граѓаните рекле дека воопшто не ги поддржуваат европските интеграции.
Слични се резултатите и со поддршката за НАТО, каде што 58,6 отсто од граѓаните рекле дека целосно го поддржуваат членството во НАТО, со дополнителни 16 отсто кои главно го поддржуваат, наспроти 11,4 отсто кои воопшто не го поддржуваат членството на земјата во Алијансата.
Дебатната анкета спроведена од ЕПИ покажа дека се потребни комуникациски стратегии што ги преточуваат надворешнополитичките одлуки во нивните практични влијанија врз секојдневниот живот на граѓаните. Нагласување на тоа како меѓународните напори, како што се интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО, влијаат на економските можности, безбедноста и социјалните услуги. Потребни се јавни консултации и едукативни кампањи што се сосредоточуваат на конкретни прашања од надворешната политика што директно влијаат на граѓаните.