Спој на музика, тага и хуманост, таков беше вчерашниот хуманитарен концерт насловен „Во спомен на љубовта за Данче“, во чест на менаџерот Даниел Милошески, кој почина на 15 јули 2014 година.
Музиката беше љубов на Данче и тој е заслужен за многу организирани концерти од познати светски ѕвезди. Тага, бидејќи тој веќе 10 години не е со нас. А хуман, бидејќи сите средства собрани од влезниците се наменети за болните од цистична фиброза.
Водител на концертот беше актерката Весна Петрушевска, кој и самата поминува низ здравствен проблем.
„Октомври е месец на борба против ракот на дојка. Треба да ви биде мантра, вие убави и умни жени да се грижите за себеси, зашто никој нема да ви каже фала. Секои шест месеци ехо, секоја година мамографија. И само оние што се гибнати ги погодуваат такви работи.
Мене уште не знам што да ме стрефи, да ви кажам. Ајде, удри уште еднаш, двапати, нема проблем. Ама, кога ќе си отиде некој е доцна. И затоа, секој ден да си го живеете животот и да го славите животот, а не да се повлекувате“, рече таа.
На сцената се појавија многу познати музички имиња, кои освен што пееја раскажуваа и спомени со Даниел.
И Петрушевска евоцирше спомени од средбите со Даниел.
-Тоше многу му веруваше. Беше малку скржав на насмевка, но кога ќе се насмееше, тоа беше од срце. Со него секогаш бевме на сигурно. Ако нешто не можеше да се одработи и треба да се одложи, ќе се јавеше и ќе кажеше, додаде таа.
Организатори на концертот беа „Скај мјузик“ и семејството на Даниел, сопругата Наде и ќерките Даниела и Дарија.
Сите раскажуваа анегдоти со Даниел, Бени „Нон стоп“ раскажа, а и дополнително ја отпеа најомилената песна на Данче „Не ме гдај така и не љуби ме веќе“ од „Бјело дугме“ , Ружица од „Ареа“ зборуваше за детството, бидејќи и двајцата потекнуваат од Гостивар.
ДНК се сеќава на тој ден, бидејќи тогаш починала и мајка му на Панчо. Настапија и хорот „Златно славејче“, Ана и Стефан Петановски, Николче Мицевски, Агни Авшар, Пајак и Лара….
Младата актерка од школата на Весна Бејби, Мелани, прочита монолог посветен на лицата со цистична фиброза и ги расплака сите….
(В.М.)
Фото: Вангел Тануровски