Уставниот суд покрена иницијатива и со тоа привремено ја запре примената на популарно нарачениот “балансер “’, според кој, во огласите за вработување во јавната администрација еден од критериумите е и припадност на одредена заедница која во моментот се смета за помалку застапена во одредена институција. Па, така се објавуваа огласи во кои конкретно се бараат луѓе кои припаѓаат на македонската, албанската ромската заедница и така натаму.
И додека судот расправа дали со задолжителното декларирање на етничката припадност се крши уставот, бидејќи секој има право да се изјасни, но и да одбие да го стори тоа, и дали со етничкиот критериум за вработување се нарушува начелото на стручност и компетентност, укинувањето на балансерот доминира во дневно политичките случувања и влијае на односите во владејачката коалиција.
Укинувањето на „балансерот“ е и предизборно ветување на ВМРО ДПМНЕ. Аргументот на сега веќе владеачката партија е дека „балансерот“ се злоупотребува, и главно се користи како параван за партиски вработувања.
Извештајот за 2023 година на Центарот за управување со промени (ЦУП), граѓанска организација која меѓу другото го следи вработувањето во јавната администрација, покажа дека е достигнато задоволително ниво на соодветна застапеност, но се’ уште не е достигната застапеност на некои од помалите заедници. Во него се нотира и појава на граѓани кои менуваат етничка припадност по потреба за да добијат работно место во администрација.
Во пресрет на нашето ново издание на подкастот „Политичко-етнички избалансирани вработувања“ важно ни е што мислите вие.