Доколку се остварат прогнозите и врнежите бидат интензивни, на мали теритотии и за кратко времетраење, можни се локални проблеми и локални излевања на помалите водотеци и суводолици во крајните западни и северо-западни делови од државата, пред сe на оние кои доаѓаат од планинските масиви Шар Планина, Кораб и Дешат, Стогово и Караорман, Бистра и Јабланица, предупредува ЦУК.
Нагласува и дека ако врнежите бидат поројни и сконцентрирани во градските населени места, Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Охрид, можни се локални урбани проблеми поради недоволен капацитет на атмосферската одведителна мрежа.
-Кај поголемите реки се очекува зголемување на водостојот но нема опасност од излевање на водата од нивните речни корита. Предупредуваме на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците, пред се во западните и северо-западните делови на земјата во текот на вечерните часови, како и за време на претстојната ноќ – велат од ЦУК.
УХМР информира дека под влијание на циклонска активност, почнувајќи од вечерните часови, како и во текот на ноќта, се очекуваат врнежи од дожд на цела територија на земјата. Пообилни се очекува да бидат врнежите во западните и северо-западните делови каде за време на престојната ноќ локално според прогностичките модели се очекува да паднат над 40 литри на метар квадратен дожд, наведува ЦУК.