Годинашното издание на Фестивалот на музика „Макфест“ ќе се одржи на 25 и 26 октомври, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Оваа година новост на фестивалот е што се одбрани дури 28 песни, а останатото е исто, што значи и годинава „Макфест“ќе има ревијален карактер.
Првата вечер, на 25 ќе настапат изведувачи, кои се недволно афирмирани, а жири комисија и публиката во салата ќе ги одберат најдобрите 6 кои ќе настапат втората вечер, на која ќе настапат познати музички имиња.
Списокот на изведувачи, како што велат од организацијата на фестивалот, ќе биде наскоро објавен.
-Оваа година имаме повеќе песни од изминатите години. За споредба ќе ја кажам 2022 година, а тоа е откако оваа постава почна да го работи „Макфест“, кога имавме помалку од 15 песни пријавени на конкурс. Тоа ни беше „наследство“ од претходното раковдство на фестивалот. Лани имавме 56 пријавени композиции, а оваа година над 70. Тоа се бројки идентични на бројот на пријавени песни на конкурсите на „Макфест“ пред 20-тина години кога македонската забвана музика котираше многу подобро. Оваа година одбравме повеќе компоизиции на фестивалот, за разлика од минатите години. Одбравме вкупно 28 песни, рече уметничкиот директор, Роберт Саздов.
Организатор на фестивалот и годинава е Општина Штип, на чело со градоначалник Иван Јорданов, продуцент е Александар Арсовски, уметничкиот директор Роберт Саздов и член на уметничкиот совет е Јован Јованов.