Жена од Македонија била на сезонска работа во Хрватска, каде се породила и веднаш по породувањето дала изјава дека не сака да го земе детето со неа во Македонија, бидејќи веќе имала доволно деца. По осум дена од раѓањето бебето било дадено во згрижувачко семејство во Хрватска.
Вака ја започнува приказната хрватската телевизија Нова, во емисијата „Провјерено“, за македонската државјанка и нејзиното бебе, како и за згрижувачкото семејство, кое, како што се вели во прилогот, „ биле брижни згрижувачи, но преку ноќ станале оние кои го загрозуваат здравјето на децата“.
-Добивме повик од Центарот за социјално да згрижиме бебе на еден-два месеци, бидејќи мајката, странска државјанка, го оставила. Се сложивме да го земеме бебето на толку време. Отидовме во болница, го земав бебето, имаше едвај 2.500 килограми. Спеше, јадеше, а подоцна почна да не препознава. Почна да се смее, велат членовите на згрижувачкото семејство, кои со текот на времето се приврзале со бебето, а тоа го заклучиле и социјалните работници, кои дошле да ги проверат.
Но, наместо 1-2 месеци бебето останало повеќе време во семејството, а кога наполнило половина година, бидејќи никој не се интересирал за него, згрижувачкото семејство се обратило до Центарот во Хрватска со желба да го посвојат, како што велат, многу го засакале, а ги предале и документите за посвојување. Од Министерството во Хрватска им рекле дека мораат да чекаат одговор од Македонија.
Бидејќи немало одговор од Македонија почнале сами да се распрашуваат за можноста од меѓународно посвојување, а за тоа ангажирале и адвокати во Македонија за да им помогнат во овдешните институции.
И тука настануваат сите проблеми, а животот на брачниот пар од згрижувачкото семејство им се претворил во пекол. Хаос настанал и во Македонија.
ММС стапи во контакт со адвокатите на семејството од Хрватска, Рајна Наумовска Марковска и Александар Ристески. Тие, пак, ја објаснија и голготата што ја поминале низ македонските институции во врска со овој случај.
-Бебето веќе има над 13 месеци. Згрижувачкото семејство од Хрватска нам ни се обрати за помош уште во март. Ни кажаа дека им го дале на чување месец-два, но дека бебето веќе има половина година, дека никој не го побарал и дека многу го засакале и сакаат да го посвојат. Од нас побараа да обезбедиме согласност од мајката дека се сложува детето да биде дадено на згрижувачкото семејство. Ја најдовме мајката, сакавме да видиме која е нејзината волја. Кога таа слушна дека детето веќе има семејство кое го сака се сложи да даде изјава за чување во згрижувачкото семејство. Мајката потпиша и изјава дека ја повлекува претходната изјава „Комисија од МТСП да одлучи каде да се посвои детето“ и дека го дава детето на чување во згрижувачкото семејство, која ја заверивме на нотар. Навистина и беше и драго кога слушна дека бебето е во добро семејство, велат адвокатите и објаснуваат:
– Пред да ја потпише оваа изјава мајката веќе била повикана во Центарот за социјални работи во градот кај што живее, и тогаш дала изјава дека и дозволува на Комисијата за посвојување при нашето министерство да одлучи да го даде детето на посвојување во Македонија, велат адвокатите и сликовито ни опишаа како изгледала комуникацијата со институцијата, која, како што велат, сега со сите сили се труди да им го загорчи животот и да ги остави без професија.
– Кога отидовме во Центарот во градот кај што живее мајката за да ја однесеме изјавата од нотар и нашите полномоштва настана хаос. Кога виделе одговорните вработени дека мајката се сложила детето да биде дадено во згрижувачкото семејство во Хрватска, побеснеа. Нам ни се јави мајката исплашена и ни вели: „Што направивме, ми се јавуваат од Центарот, ми се закануваат, сум требала казни некои да плаќам“. Бидејќи и порачале итно да се јави во Центарот, отидовме и ние со неа, сепак, сме нејзини ополномоштени адвокати. Ни велат „со вас нема што да разговараме, вие не сте предмет на работа“, како да не станува збор за бебе, за живо дете, туку за некој предмет. Ги замоливме да не ја малтретираат жената, да не и прават притисок, туку да ни се обратат на нас. Но, нас не бркаа надвор, сакаа мајката сама со нив да биде во канцеларија. Нам ни се дереа, а на неа и велеа: „Ајде душо влези внатре“. Да се чудиш на нивното однесување, но се случи токму спротивното, недоличното однесување нам ни го припишаа, велат адвокатите и додаваат:
-Не пријавиле во Адвокатска комора, се пожалиле дека сме повишиле тон, не сме ги почитувале социјалните работнички. Комората ни пушти дисциплинска и ни се заканува со три години одземање на лиценцата. Ете тоа е накусо кажано нашето искуство со овој случај, велат адвокатите.
Во, меѓувреме, како што во прилогот вели ТВ Нова, драма со македонскиот Центар за социјална работа се случувало и во Хрватска, поточно во згрижувачкото семејство, кое поминува низ пекол и тоа само затоа што сакале на бебето да му дадат топол дом.
-Центарот во Македонија полуде, почна борба, велат во емисијата од згрижувачкото семејство и објаснуваат дека било договорено примопредавање на детето во март.
-Стасаа две личности од Македонија без документи, без никакво решение, без ништо. Како примопредавање на некаков пакет. Тогаш маж ми отиде во Центарот, секако без детето, но таму ни кажаа дека повеќе не сме згрижувачи и дека добиле налог од министерството да се преиспита нашата згрижувачка дозвола. Откако се провери заклучија дека немало непослушност, само сме се бореле за правата на малата и дека тука немаме никаква вина, велат од згрижувачкото семејство за ТВ Нова.
Извесен период потоа повторно никој не се јавувал во згрижувачкото семејство, а по некое време ги известиле за второ примопредавање и тоа во јули годинава. Згрижувачите инсистирале да имаат увид во документацијата, барале за се да одлучува судот, но и нивната желба за посвојување да се испрати до министерството.
По бебето, како што се вели во прилогот, дошле многу полицајци , социјални работници, но и адвокати на згрижувачкото семејство од Хрватска.
-Во еден момент станавме чудовишта на кои мора да им ги земат децата. Кога дојде денот на примопредавање јас ја разбудив малата, ја облеков и им ја дадов во раце. Му реков на детето дека сега оди кај друга тета и дека се ќе биде во ред. Му реков на детето дека го сакам, дека ќе го сакам до крајот на мојот живот. Малата тогаш почна многу да плаче. Се исплаши. Плачеше и кога излегоа надвор. Ја замолив социјалната работничка да ми дозволи да ја смирам. Веднаш се смири кога ја земав во раце. Социјалната работничка потоа ме замоли да го ставам детето во седиштето во нивниот автомобил. И така се заврши, низ солзи во прилогот раскажуваат сопружниците од згрижувачкото семејство.
Каде е бебето сега, зошто толку многу се чекало и зошто претставува проблем детето да биде посвоено во Хрватска, иако, како што велат адвокатите, пред да ја напушти болницата мајката во изјавата кажала дека го остава да расте во подобра држава, одговор треба да даде Центарот за социјални работи од градот кај што живее мајката, но и Министерството за труд и социјала.
ММС испрати прашања до ресорното министерство, но веќе трет ден од таму нема одговор.
Нема одговор каде е сега бебето, зошто толку многу се чекало, односно зошто шест месеци никој не регирал за превземање или оставање на бебето во Хрватска, зошто е направена толкава драма за посвојување на детето во згрижувачкото семејство, доколку му било убаво. Односно, доколку сите се грижиме за доброто на детето, зошто е проблем да остане таму каде што се навикнало, каде ги засакало луѓето и дали е потребно да му се прави толку голем стрес.
Се заинтересиравме и за тоа колку члена брои Комисијата за посвојување при МТСП, на колку време се менуваат и дали е составена исклучиво од вработени во министерството. Но, од министерството до објавување на текстот нема никаков одговор.
(В.М.)