Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму. Но, најважно покажавме дека сме одлучни и посветени да се справиме со предизвиците без разлика на опструкциите со кои се среќаваме и проблемите и стапиците што се поставени пред нас, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Како што истакна на денешната прес-конференција во Владата за одбележување на првите 100 дена од работата на новата Влада, наследената состојба била многу полоша отколку што кој било очекуваше, а состојбите се далеку од идеални.
„За 100 дена, реализиравме, донесовме или отпочнавме над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните“, нагласи тој.
-Колку повеќе знаеме дека состојбата е пооптоварувачка отколку што очекуваме, нашата решителност станува поцврста. Наследивме потрошен годишен буџет за само шест месеци. Држава од која младите се иселуваат, 600 илјади кои живеат само со 150 денари на ден и многу други горливи проблеми. Но, тоа само ги засили нашите ангажмани и мотивираност да ги исправиме и да излеземе на правиот пат. Денешната цел е недвосмислена – 100 проценти посветеност кон реализација на проектите и исполнување на ветувањата, рече Мицкоски.
Овие 100 дена, како што кажа, не беа лесни, но беа само почеток.
-Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места, и работевме и подготвуваме стотици нови проекти, посочи Мицкоски.
„Не ги забораваме ни земјоделците, ниту работниците, ниту наставниците и професорите, ниту лекарите. Обезбедивме за првпат бесплатни учебници за сите на време после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати. Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активности, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро“, рече Мицкоски и нагласи дека со поддршка на општините се обидуваат да ја развиваат државата и да обезбедуваат проекти кои ќе подобрат нешто.
Потсети дека за само 100 дена новата влада преку линеарното покачување на пензиите овозможи повисоки пензии за над 330 илјади пензионери, нови странски инвестиции, поевтини катастарски услуги, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа, највисока откупна цена за винското грозје, ограничена маржа за над 70 прехранбени производи, …