Во фаза на дискусија се разговорите за повисоки плати на наставниците меѓу Синдикатот за образование и наука (СОНК) и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министрите во Владата, кои почнаа вчера – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која присуствуваше на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.
„Деталите сѐ уште се во фаза на дискутирање и дооформување. Значи се разговараше за идните можности, се разговараше за методологија, се разговараше за потребите на наставниците, за можностите на државата и продолжуваме и понатаму да изнаоѓаме соодветни решенија на општо задоволство на сите“, вели Јаневска.
Прашана дали е договорено за зголемување на платите на наставниците за 12 отсто, Јаневска со одговор дека се уште се дискутира.
Што се однесува за зголемување на студентскиот обрак, ресорната министерка Јаневска истакна дека зголемувањето ќе зависи од буџетските средства за наредната година.
„Во буџетот за следната 2025 година предвидуваме зголемување на студентскиот оброк. Знаете дека во фаза на реконструкција се два дома во Скопје. Но, се предвидува повеќегодишна реконструкција на повеќе домови ширим земјата. Зголемен е обемот на стипендии и им удоволивме на барањата на студентите. Променивме неколку Правилници, а тоа е за оние што имаат завршено со 180 кредити, да можат да аплицираат за постдипломски студии, ги изменивме Правилниците за оние кои сакаат да студираат на педагошката Академија“, додаде Јаневска.
Таа посочи дека останува да се разговара и за Законот, потоа за студентскиот стандард и за други барања кои ги имаат студентите.