Еднаш амбасадори, секогаш амбасадори. Тоа е кусиот опис за „Синтезис“, кои вчера во Филхармонија прославија 30 години од своето постоење.
И како што доликува на ваков концерт, публиката ја прошетаа низ нивната работа, која и тоа како заслужува аплауз, каков што не штедеше публиката да им подари.
Традиционална музика презентирана на над 500 концерти секаде низ светот, и тоа не само за нашата дијаспора, туку и во најпрестижните концертни сали и фестивали, ги прават „Синтезис“ ненадминливи. А тоа го покажаа и вчера кога публиката ја почестија со помалку и повеќе познати македонски традиционални песни.
Членовите на бендот, заедно со трите грации Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Сузана Јовчева, со песна не прошетаа низ разни краеви на Македонија. Анета, Билјана и Сузана, секако и овој пат беа уникатни, не само со своите гласови, туку и со својот изглед, за чии костими традиционално се погрижи Александар Ношпал, а за необичните фризури Сретен Костиќ. Нивната уникатност, кога станува збор за костимите можеше да ја види и публиката во лобито на Филхармонија, каде беа изложени позначајните со кои настапувале низ светот.
„Синтезис“ не најави гости, но очекувано беше на сцената да се појави златното грло Наум Петрески, со кој ја отпејаа „Ој, девојче“, што „Синтезис“ ја сними со Тоше Проески. „Синтезис“ и Наум имаат и
заеднички албум со традиционални песни, а исто така им беше гостин и кога славеа 25 годишен јубилеј пред платото на НОБ.
Изненадување за публиката беше кога на сцена се појави Борис Трајанов, кој ја отпеа авторската песна „Божја невеста“, но и Влатко стефановски, со кој често соработуваат.
За крај на сцената се појави и Мирјана Јошевска-Мими, нивната некогашна пејачка, која повеќе години веќе не настапува, а на нејзино место се слуша прекрасниот вокал на Сузе.
Организатор на концертот беше „Баги комуникации“.
В.Миленковска
Фото: Вангел Тануровски