Формирање на Државна агенција за обезбедување на училиштата е дел од Програмата за работа на новата влада предводена од ВМРО ДПМНЕ. Оваа нова агенција треба да се справи со меѓуврсничкото насилство, за што јавното внимание беше кренато по настаните во Белград, со пукањето и убиствата од страна на малолетен ученик во училиште. Три месеци по обелоденувањето на идејата за формирање на Државна агенција за обезбедување, надлежното Министерство за образование и наука (МОН) е воздржано, додека задачата за поголема безбедност на училиштата ја префрла на општините. Засега, безбедноста на учениците ќе се потпира на будното око на камерите од видео надзорот.
Тоа што е во владината Програма, засега не е во Програмата на МОН за оваа година. Ова во една реченица е одговорот на нашите прашања до Министерството.
Од МОН во изјава за ММС, истакнуваат дека се свесни за потребата од поголема безбедност на училиштата и учениците, но потенцираа дека во надлежностите на институцијата и на активностите кои се дел од годишните програми за работа, не припаѓа основањето на Државна агенција за обезбедување.
- Основните и средните училишта се под надлежност на општините. Тие поставуваат директори и заедно се одговорни за организирање на воспитно – образовниот процес за учениците, како и за нивната безбедност, одговорија од МОН.
Со оглед на тоа дека безбедноста е грижа на општините, МОН, како дел од централната власт нема информации, како тоа е уредено по училиштата, ниту каде кои агенции за обезбедување се ангажирани.
Во Скопје за безбедноста на учениците најчесто се грижат приватните агенции, во Штип и Куманово им веруваат на безбедносните камери
По ваквиот став од Министерството за образование и наука, редакциајта на ММС побара одговор и кај дел од општините во земјава.
Додека во Град Скопје, каде најчесто општините распишуваат огласи за јавни набавки со кои бараат приватни агенции за обезбедување на училиштата и градинките, во Општина Штип грижата за безбедноста на учениците засега е под надзор на инсталираните безбедносни камери.
Според Роберт Аџипетров, раководител на Одделение за образование, во речиси сите основни и средни училишта во Општина Штип безбедноста на учениците се контролира и регулира преку поставени безбедносни камери, кои досега во неколку наврати помогнале во неутрализирање на инциденти и нивно целосно расчистување.
- Досегашното искуство покажува дека и моменталните спроведени мерки со инсталирање на безбедносни камери дава висока ефикасност во поглед на безбедноста на учениците. Локалната самоуправа и училиштата имаат одлична соработка со Министерството за внатрешни работи, па вработените од овој сектор секогаш се на терен пред и околу училиштата во период на отпочнување и по завршување на часовите, појаснува Аџипетров.
Аџипетров ја поддржува идејата за основање на Државна агенција за обезбедување.
- Идејата за формирање на Државна агенција за обезбедување би била одлично долгорочно решение, особено за општините кај кои буџетот нема предвидено ресурси за ангажирање на приватни агенции за обезбедување, вели Аџипетров.
Формирањето на ваква агенција би било олеснување за Буџетот на Општина Куманово. Александар Јовановиќ, раководител на Одделение за образование во Куманово истакна дека е добра идејата за формирање на Државна агенција за обезбедување, бидејќи заштита на учениците ќе биде уште поголема, но и затоа што буџетот на општината не располага со дополнителни финансии преку кои може да ангажира приватни агенции за обезбедување.
- Во основните и средните училишта во Општина Куманово безбедноста на учениците најчесто се контролира преку инсталирани безбедносни камери. Единствено во училиштата ОУ „11 Октомври“ и СОУ „Перо Наков“ родителите преку Советот на родители самите имаат избрано агенција за обезбедување. Општина Куманово има и континуирана соработка со СВР Куманово, кои по ваквите спроведени безбедносни мерки во училиштата бележат се помалку инциденти меѓу учениците, појаснува Јовановиќ.
МОН со нови реформи до поголема безбедност на училиштата
Подигнување на безбедноста во училиштата на повисоко ниво, е една од најавите од Министерството за образование и наука. Најавуваат и кампањи за подигање на свеста за последиците од физичкото наследство.
- Следува период во кој заедно со локалните самоуправи, со Министерството за внатрешни работи, како и со дел од меѓународните партнерски организации како ОБСЕ, ќе покренат нови иницијативи за подигнување на свеста за безбедноста на учениците и на самото ниво на безбедност во училиштата. Се подготвуваат неколку нови стратешки документи по кои ќе се води работата на институцијата, се формираат нови тела кои ќе помогнат во заложбите за поквалитетно образование како Националното координативно тело за високо образование, велат од МОН.
Во овој контекст, додаваат од МОН, Владата во својата програма за работа за периодот во следните четири години најави промена во начинот на кој ќе се обезбедуваат училиштата во земјава, ветувајќи дека ќе ја презеде обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата преку формирање на Државна агенција за обезбедување.
Формирањето на Државната агенција за обезбедување засега без конкретни рокови
Во Програмата за работа на Владата во образложението за формирањето на новата Агенција, пишува дека „се свесни за потребата од поголема превенција и заштитата на децата и младите, но и дека се подготвени да ја преземат обврската за гаранција на безбедноста на училиштата“.
Сепак, засега немаат конкретни рокови. Нема детали ниту за тоа колку ќе ги чини граѓаните нејзиното функионирање или за бројот на вработени во оваа агенција. Останува идеја и план во владината програма.
За тоа како би функионирала оваа Агенција, не знае ниту Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. Но, сметаат дека покрај зголемена безбедност на учениците, потребен е поширок пристап, со другите аспекти на безбедноста, како емоционалната и психолошката поддршка на учениците.
Во изјава за ММС, од „Меѓаши“ истакнуваат дека за нив како организација превентивните мерки, како на пример: мировно образование, спроведување програми за превенција на насилство и развој на програми за ментално здравје, се подеднакво важни како и физичката безбедност.
- Континуирано сме во контакт со многу училишта, главно со наставниот кадар и забележуваме дека се применуваат различни физички мерки за обезбедување. Сепак, сметаме дека е клучно да се посвети внимание и на другите аспекти на безбедноста, како емоционалната и психолошката поддршка, за да се обезбеди целосно безбедна и поддржувачка средина за учење. Безбедноста се однесува на повеќе нивоа, каде ги вклучува сите чинители кои се дел од училишната средина да придонесат за таа да биде побезбедна, од самиот ученик, наставникот, училишниот персонал до институциите, сметаат во „Меѓаши“.
Организацијата има долгогодишно искуства од соработката со основни и средни училишта на национално ниво. Овие искуство им покажале дека учениците многу често се и жртви на вербално насилство што прераснува во психичко насилство и може да има сериозни последици врз менталното здравје на учениците.
- Дополнително со самата дигитализација и користењето на социјалните мрежи од страна на учениците, каде секој ученик станува достапен за комуникација во било кое време, насилството се трансформира и во кибер или попознато како онлајн насилство, што претставува уште еден доказ дека начинот и формата на насилството не можат да се ограничат само на физичка форма и физичка интеракција помеѓу учениците, велат од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Превенцијата е клучот за безбедноста
Спречувањето на насилството бара покомплексен и посеопфатен пристап за да се изгради безбедна средина за секој ученик, велат од „Меѓаши“.
- Превенцијата е клучен сегмент за создавање безбедна средина за учениците. Таа не се однесува само на физичкото насилство или поставување камери, или физичко обезбедување. Превенцијата подразбира и промовирање на позитивна и ненасилна комуникација во секојдневните интеракции на учениците, било тоа да е во училницата или преку социјалните мрежи. Превенцијата се фокусира на градење заеднички вредности, почитување на различностите и развој на емпатија, кои ќе поттикнуваат меѓусебно разбирање и почитување на индивидуалните потреби на секој ученик, е ставот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Во исчекување на фомирањето на Државната агенција за обезбедување, за побезбедни училиштата, клучна останува улогата на наставниците, стручните тимови, родителите, институциите, учениците. Секој од нив има важна улога во креирањето безбедна средина, преку препознавање и промовирање позитивни вредности и модели на комуникација кај учениците и одржување безбедна и поддржувачка училишна средина.
Виктор Вукановски
Со овој текст, ММС се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.