Обединетите нации соопштија дека се „многу загрижени“ по израелскиот напад во кој беше убиен висок командант на Хезболах во либанскиот главен град Бејрут и ги повикаа сите страни да покажат „максимална воздржаност“.
– Ние, се разбира, сме многу загрижени за зголемената ескалација … Вклучувајќи ги и смртоносните напади што ги видовме во Бејрут денеска. Ги повикуваме сите страни веднаш на деескалација. Сите мора да покажат максимална воздржаност, изјави Стефан Дижарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Во нападот, кој ИДФ го опиша како „насочен“, загина Ибрахим Акил, шеф на елитните сили на Хезболах – Радван и најмалку 10 други команданти на Хезболах во предградието Дахије во Бејрут, кое се смета за упориште на Хезболах.