Марта Кос, дипломирана новинарска на Универзитетот во Љубљана, поранешна владина портпаролка и дипломатка, е предложена за нов комесар на ЕУ за проширување. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја претстави Кос меѓу останатите еврокомесари од 27 земји членки, кои треба да го поминат сослушувањето пред Европскиот Парламент.
Досегашниот еврокомесар за проширување, Оливер Вархеи е назначен за ресорот Здравје и благосостојба на животните. За него се најавува жестоко испрашување од европратениците. Бугарката Екатерина Захариева, нам добро познатата екс министерка за надворешни работи на Бугарија е предлог на фон дер Лајен за ресорот Стартап, истражување и иновации.
Според словенечките медиуми, Марта Кос досега немала високи политички функции. Кариерата како новинар ја започнала во спортската редакција на РТВ Словенија, подоцна станала прв дописник на РТВ од Германија, а потоа и дописник на германската Дојче Веле. Од новинарството премина во политика. Била директор на владината канцеларија за информации, а потоа и владин портпарол. Неколку години беше и потпретседател на Стопанската комора на Словенија, а подоцна и словенечки амбасадор во Германија и Швајцарија.
Во 2022 година се приклучи на партијата Гибање Свобода (Движење на слободата), во април истата година стана и потпретседател на партијата, а во јуни ја објави кандидатурата за претседател на републиката, која ја повлече на крајот на август, наведувајќи лични причини. Во септември, таа поднесе оставка од потпретседателската позиција во Гибање Свобода, а во декември 2022 година, во знак на поддршка за министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар, која поднесе оставка од својата функција, ја напушти партијата.
Таа се споменуваше како можен кандидат за еврокомесар веќе пролетва пред европските избори, но требаше да ја преземе и улогата на носител на листата на Движењето на слободата, што таа го одби.
Инаку, во предлозите за новата европска влада има од новинари до дипломати, европратеници до реалити телевизиски ѕвезди. Конечниот список покажува интересна мешавина на професии – почнувајќи од самата Фон дер Лајен, која претходно работеше како гинеколог.
Потенцијалните комесари вклучуваат тројца поранешни премиери, четворица поранешни министри за надворешни работи, пет поранешни министри за финансии и десет европратеници.
На списокот има и новинари од Белгија и Финска, академици од Кипар и Хрватска и дипломати од кариера од Унгарија, Словачка и Полска.